Нови зелени површини, селекција на отпад и подигање на квалитетот на изнесување и депонирање на смет ќе бидат приоритетите за старо-новиот директор на кумановското јавно претпријатие „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски. Тој неодамна беше назначен за директор на комуналното претпријатие, а претходно ја извршуваше оваа функција, две години.
– Планираме во текот на наредната година да засадиме повеќе од 5.000 дрвја, ова нема да успееме да го направиме без поддршка на граѓаните. Ќе апелирам до нив да се придржуваат до начинот на исфрлање на смет сите заедно живееме во оваа општина и доколку сите заедно се потрудиме ќе имаме почисто, поубаво место за живеење. Еден од главните приоритети интенција ќе ми биде и организирање на селекција на отпад, бидејќи сметам дека тоа треба да биде приоритет број 1 за јавното претпријатие. Во изминатите години кога менаџирав претходно со ова јавно претпријатие се обидовме на неколку начини да организираме селекција на отпад, меѓутоа за жал не успеавме и нема да застанеме тука, ќе продолжиме и во текот на наредната година, изјави Стојчевки.
Тој додаде дека ќе постават и нови садови за смет, каде што граѓаните ќе имаат можност да го селектираат отпадот, ќе работат на подобрување на условите за вработените, набавка на нова опрема. Стојчевски нагласи дека претпријатието е подготвено за зимското одржување на градот, како поддршка на фирмата изведувач која на тендер доби средства од Куманово за зимско одржување на улциите.
– ЈП веќе има обезбедено и средство коешто се нанесува за да спречиме создавање на лед и поголеми наноси од снег исто така имаме обезбедено и две метларки коишто се адаптираат на зимски услови на кои им се монтираат ножеви и со помош на нив на пософистициран начин ќе се чисти снегот доколку имаме и поголеми врнежи на снег, имаме и два трактори на коишто може да им се адаптираат ножеви за чистење на снег и со помош на таа механизација јавното претпријатие може да одговори на предизвиците во зимскиот период за чистење на снег, изјави Стојчевски.
Новиот директор на „Чистота и зеленило“ се осврна и на реакции за набавката на средството за чистење на снегот, нагласувајќи дека последниве две години значајно е намален бројот на лица со скршеници. Тој управуваше со претпријатието две години, по што наредните две работеше во секторот за поддршка на градоначалникот.