Здружението Бадникови поворки од Кичево поради состојбата со Ковид-19 и мерките за заштита предложени од надлежните власти наместо бадникова поворка ќе организира хуманитарна акција за помош на социјално загрозени семејства насловена „Црвен тепих на хуманоста“.
-Хуманитарната акција ќе има наслов „Црвен тепих на хуманоста“. Замислата е во центарот на градот да биде поставен црвен тепих на кој хуманите граѓани ќе можат да оставаат донации од храна за помош на сиромашни и социјално загрозени семејства. Неопходно е донациите да бидат од нерасиплива храна, која пред Божик ќе се подели на семејствата во ризик за барем во текот на празничните денови во нивните домови да има храна за сите, истакна Бошко Сарафилоски од здружението Бадникови поворки.
Тој наведе дека хуманитарната акција во Кичево ќе се спроведе во деновите 28 и 29 декември и ќе трае од 11 до 18 часот, а граѓаните ќе можат да ја доставуваат помошта на градскиот плоштад.
-На овој начин преку организирање на хуманитарен настан каде нашиот вишок на храна ќе пополни нечиј недостиг на храна, ќе помогнеме барем во текот на празничните денови сите семејства да имаат доволно храна и радосно да го дочекаат големиот празник, Христовото раѓање, потенцира Сарафилоски.за/вј/