Како никогаш досега ловџиите од трите ловечки друштва од Кичево, секој викенд со пребогат плен се враќаат дома.

Нема ловечка дружина која во секој викенд нема да отстрела барем две-три диви свињи, а некои имаат отстрелано и двојно повеќе. Ловџиите пребогатиот лов на дива свиња го лоцираат во енормниот пораст на овие животни во природата и нивно се поголемо присуство во близина на селските населби.

– Енормниот пораст на диви свињи во природата, придонесе оваа есен да имаме пребогат лов во сите делови од нашата општина. Сите ловечки дружини се враќаат дома со богат плен и според сите показатели оваа ќе биде рекордна година, вели Даме Петрески, ловџија од Кичевско.

Покрај зголемениот број на диви свињи во природата, тој причината за богатиот лов ја гледа и во сезоната на парење, кога дивите свињи се во интензивна дружба и континуирано движење.

– Втора важна причина за богатиот отстрел на диви свињи се должи и на сезоната на парење кога доминантните мажјаци не ги оставаат женките да спијат по два до три дена и се во континуирано движење, а чопорите ги следат послабите мажјаци. Токму нивното движење ги доближува до нас ловџиите, што се рефлектира и со уште побогат лов, истакнува тој.

Петрески оценува дека дополнително во кичевскиот регион голем придонес имал и снегот поради кој лесно можеле да се забележат траги од дивите животни.