По 16 години на власт „Mutti" (мама), како што ја нарекуваа, сега веќе поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, се прости со политиката.

„Лидер на слободниот свет", „Кралица на Европа", се само некои од надимаците со кои беше ословувана германската лидерка. Се проценува дека учествувала на стотина самити на ЕУ, а често беше опишувана како „единствениот возрасен во просторијата". Таа беше нарекувана и канцеларка за „најн", а според француски медиуми, во Париз била нарекувана и „сачмарка".

Како еден од највлијателните светски лидери, Ангела Меркел помогна да се одреди курсот на европската и глобалната политика. Но, за време на нејзините 16 години како германска канцеларка, таа исто така имаше значително влијание врз сопствената земја, влијаејќи на животите на милиони луѓе – за добро или лошо.

Нејзиното наследство е размислување на „рационален и прагматичен начин" во свет обликуван од луѓе водени од национализам, нарцизам, ирационалност и популизам. На прв поглед, светот на германската политика може да изгледа прилично здодевен. Сè се сведува на компромис, консензус и континуитет. Во таа смисла, Меркел на Германија и го донесе она што се очекува од лидерот: Мирен глас во турбулентен и променлив свет, оценува Би-Би-Си.

Рекапитулацијата на нејзиното владеење претстои, но аналитичарите се согласуваат – Германија се смени во многу работи во последните 16 години. Меркел, која како канцелар ретко зборуваше за визии и визионерски политички планови, се обидуваше да ги согледа проблемите и да се обиде да смисли како да ги реши што е можно побрзо. За тоа придонесе нејзиниот северен темперамент и фактот што како научник од областа на природните науки реално и прагматично пристапува кон секој проблем. Од друга страна, многу германски политички колумнисти забележуваат дека Меркел „повеќе реагирала отколку што владеела" во текот на овие 16 години.

Ангела Меркел не требаше да ја води земјата низ Студената војна, како нејзиниот претходник, но нејзините мандати беа обележани со чести кризи – глобалната финансиска криза, кризата на еврото, бегалската криза, трансатлантската криза и конечно пандемиската криза. Низ сите овие периоди Ангела Меркел „ја водеше земјата по сигурни води", пишува Еуроњуз. Благодарение на нејзините промислени потези, Германија од сите овие предизвикувачки ситуации излезе само со „ситни модринки и повреди", оценуваат германските медиуми.

Сепак, мигрантската криза радикално ја промени земјата. Пристигнувањето на повеќе од милион мигранти предизвика турбуленции во општеството, што и помогна на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD) да заживее и да влезе во Бундестагот во 2017 година. Така Германија стана една од земјите со екстремната десница во парламентот, а кошмарот на демократите стана реалност.

За време на мигрантската криза остана запаметена изјавата на Меркел „Wir schaffen das" – „Можеме да го направиме тоа".Шест години подоцна, многумина би се согласиле дека таа беше во право. Чувството дека земјата е во криза одамна го нема.

Нејзиното одбивање да ги затвори вратите за стотици илјади баратели на азил во 2015 година беше клучен момент во нејзината канцеларија како канцелар. Германија долго време се потпира на мигрантите за да ги пополни работните места, да ја одржи економијата и да го запре стареењето на населението. Тоа се случува уште од периодот на обновата на земјата по Втората светска војна и турските „гастарбајтери".

Денес, повеќе од една четвртина од луѓето кои живеат во Германија имаат мигрантско потекло.

Канцеларката, која призна дека е феминистка пред крајот на нејзиниот мандат, остави трага на политичката култура во земјата. До нејзиното доаѓање, тоа беше исклучително патријархална држава со силни западногермански традиционални поделби на улогите по полови, а доаѓањето на Меркел беше „освежување" за многу Германци. Критичарите на Меркел велат дека таа можела да стори повеќе за да го намали јазот во платите меѓу жените и мажите. Тој јаз е еден од најголемите во Европа. Тие исто така тврдат дека можела да поттикне повеќе жени да стигнат до водечки позиции во бизнисот и политиката.

Од друга страна, младата генерација борци за заштита на животната средина не ја гледа Меркел како пример за борба против климатските промени. Напротив, многумина ја обвинуваат поранешната германска министерка за животна средина дека попуштила пред енергетското лоби и се откажала од сопствените климатски цели. Сепак, за време на владеењето на Меркел, Германија ги намали емисиите на гас и инвестираше во обновливи извори на енергија. Но, општо е познато дека сегашните цели не се доволно цврсти; Јагленот сè уште се користи во Германија, делумно поради тоа што Меркел одлучи да се откаже од нуклеарната енергија по катастрофата во Фукушима во Јапонија пред 10 години.

Во однос на надворешната политика, Ангела Меркел беше претставена во медиумите во некои европски земји во нацистички униформи, но во исто време многу други медиуми постојано ја прогласуваа за најмоќна жена и лидер на слободниот свет. Овие крајности дојдоа до израз откако Доналд Трамп дојде на власт, како претседател на САД, кога Меркел на многумина им се чинеше дека е единствената личност која може да се справи со ситуацијата во Вашингтон. Во надворешната политика го одмеруваше секој збор, свесна за фактот дека германска канцеларка не може отворено да зборува како нејзините западноевропски колеги, како холандскиот премиер Марк Руте, кој и порача на Полска „да ја напушти ЕУ ако не и одговара".

Дури и жестокиот, иако краткорочен грчки министер за финансии Јанис Варуфакис признава дека Ангела Меркел го спасила еврото задржувајќи ја неговата земја под оваа валута, и покрај нејзините финансиски тешкотии. – Точно е дека, на крајот, таа е одговорна за зачувување на еврозоната, бидејќи ако Грција излезеше, не верувам дека ќе беше можно да се задржи заедно, вели тој. – Но, имав некои многу сериозни несогласувања со политиката што таа ја застапуваше. Таа никогаш немаше визија што да прави со еврозоната откако ја спаси, а начинот на кој ја спаси стана многу поларизирачки, истакнува поранешниот грчки министер.

Но раскол повторно се појави во ЕУ за време на мигрантската криза и на почетокот на пандемијата на Ковид – со тоа што јужноевропејците се чувствуваа напуштено, како да се изневерени од сите. Се додека повторно не се чувствуваа така. Најмногу благодарение повторно на Ангела Меркел, дури и ако реагираше во последен момент.

Кризата со Ковид-19, за разлика од еврокризата пред неа, ја убеди дека побогатите земји како Германија навистина треба да ги отпишат долговите на посиромашните земји во ЕУ, во овој случај оние погодени од непропорционалните економски последици од пандемијата. Со тоа, таа постави впечатлив преседан во ЕУ. Тоа беше радикален став на германската канцеларка, особено имајќи ги предвид традиционалните притисоци дома внимателно да жонглира со домашниот биланс.

Влијанието на нејзината одлука за миграцијата врз ЕУ беше исто толку значајна колку што и предизвика поделби. Но благодарение на тоа ЕУ ја доби Нобеловата награда за мир во 2012 година. А сепак, три години подоцна, земји-членки на ЕУ ги затворија вратите на своите граници една за други за да ги задржат бегалците надвор, од кои многумина бегаа од војната во Сирија.

Колку беше значајна за глобалната политика зборуваат и медиумските извештаи дека таа сакаше да се повлече од политиката во 2016 година. Но на наговор на Барак Обама, а во светло на победата на Трамп, таа одлучи да се кандидира за четврт мандат кон крајот на 2016 година.

Меѓу регионалните експерти и политичари, денес е тешко да се најде некој кој без задршка ќе заклучи дека Балканот е подобро место за живеење отколку пред Ангела Меркел да дојде на светската сцена, пишува Би-Би-Си на српски јазик. – За време на нејзиниот мандат, кој е навистина долг, ситуацијата прво значително се подобри, а потоа се влоши.

-Денес ситуацијата е покомплицирана и полоша од пред пет-шест години – и со меѓусебните односи на земјите и со европските интеграции, смета поранешната министерка за надворешни работи на Хрватска Весна Пусиќ.

И покрај тоа што истакна дека таквата слика не е само одраз на работата на Ангела Меркел, Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, вели дека Балканот е сведок на двојната природа на германската канцеларка. -Од една страна, таа донесе храбри и големи одлуки, како прифаќање на мигранти во бегалската криза во 2015 година или промовирање на членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, изјави тој во изјава за Би-Би-Си.

-Од друга страна, таа немаше стратешка визија и често правеше потези само со краткорочни тактики и прагматични интереси, а не се занимаваше со одредени проблеми, вели тој.

Советникот на поранешниот претседател на Србија, Млаѓан Ѓорѓевиќ нема дилеми за ефектот на Меркел. – После Ангела Меркел, Балканот е составен од земји во кои владеат автократи, со скршени општества, без вистинска слобода на медиумите и избори, каде што криминалот е многу присутен.

-Резултатот од нејзиниот ангажман на Балканот е поразителен – земјите се подалеку од Европската унија отколку во 2005 година и не можат да се споредат со стандардите, човековите права и слободи, но и со надежта за подобрување во споредба со времето пред доаѓањето на Ангела Меркел.

За време на мандатот на канцеларката Ангела Меркел, Европската унија се прошири кон Хрватска, но во исто време суштински ги спречи дури и земјите кои ги исполнуваат сите услови на ЕУ да започнат преговори – Северна Македонија и Албанија, оценува Би-Би-Си.

Црна Гора преговара за членство нешто поуспешно од Србија, додека Босна и Херцеговина сè уште чека кандидатски статус, а Косово е далеку од европската карта, дури и за визна либерализација.

– Да прашавте кого и да е на Балканот кога ќе влезе во Европската Унија во времето кога Меркел стана канцелар, никој не би помислил дека денес тоа ќе биде толку далечно. – Регионот очигледно е во полоша состојба – има помалку демократија, лоша влада, помалку напредок, рече Флоријан Бибер.

Поради очигледниот ќор-сокак, Ангела Меркел се обиде да ја промени атмосферата со покренување на Берлинскиот процес, дополнително поврзувајќи ги балканските земји. Берлинскиот процес беше бебе на Ангела Меркел и тоа е слика како таа постапи по прашањето за Западен Балкан – таа виде дека процесот на проширување на ЕУ е нецелосен, па се обиде да направи нешто паралелно и да постигне конкретен резултат, појаснува Бибер.

-Почна со голема амбиција, дијалогот на младите и беше важен, но на крајот Германија не можеше целосно да го претвори Берлинскиот процес во нешто што остава подлабока трага", вели Ведран Џихиќ, соработник во австрискиот институт за меѓународна политика и предавач.на Факултетот за политички науки во Виена.