Регионалниот центар за соработка „Спектар” во соработка со НВО Инфоцентар, Скопје, организираше средба на граѓанските организации со претставници од Општина Крива Паланка на која се разговараше за заедничката соработка и поддршка од локалната самоуправа.
Раководителот на секторот за општи и правни работи, финансиски прашања и локален економски развој, Мартин Николовски и Антонио Давитковски, раководител на одделението за јавни дејности, економски развој и информатичка технологија, ги информираа претставниците на граѓанскиот сектор за новите критериуми за поддршка кои општината ги планира во наредните три години.
-Новитет е што од 2022 година во рамки на годишната оперативна програма за поддршка на граѓански здруженија и фондации со определен буџет, соработката со граѓанскиот сектор ќе се реализира во рамки на проектот „ReLOaD 2“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), што ќе се имплементира во следните три години, заклучно со 2024 година. Проектот предвидува финансиска поддршка за зајакнување на граѓанското учество со имплементирање на активности и проекти од интерес на локалната заедница, информира Давитковски.
Од општината нагласија дека акцент ќе биде ставен на градење и зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, обезбедување менторство и логистичка поддршка за успешно вклучување и спроведување на овој процес.
На настанот беше најавена и децентрализација на програмата за култура и преотстапување на организирањето културни настани на граѓанските здруженија, со поддршка од Општината.
Претставниците на граѓанските организации ги поздравија новините за соработка, со барање поголема поддршка при реализација и исполнување на новите критериуми за едукација и проектна реализација.
Настанот е дел од проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“ поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“.