Со настапот на Владо Јаневски, на кој му претходат „Тајфата“, Елена Велевска, Пајак и Јован вечер, во 18 часот, почнува петдневната богата празнична културна програма во Крива Паланка во рамки на првиот „Кривопаланечки новогодишен базар“. Организатор е Општина Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски изјави дека има бројни содржини за сите генерации во една понуда насловена „Новогодишен базар“.
-Музички, сценски и забавни активности за сите генерации нуди целокупната дневна и вечерна програма планирана за оваа недела, но мора да нагласам дека базарот и содржина на централниот градски плоштад веќе десетина дена ја прават богата и разиграна атмосферата на централниот градски плоштад. Содржините и понудата на закупците на куќарките што првпат ги ставивме во функција му донесоа посебна убавина на предновогодишиот амбиент. Дополнително, имаме и кочија со Баба Мразица и пони-коњчиња како несекојдневна глетка и искуство за најмладите, така што со музичките перформанси закажани во културната понуда, ќе ја комплетираме убавата празнична магија што владее во градот, се до крајот на годината, изјави градоначалникот Митовски.
Од вечерва до петок кривопаланчани ќе ги забавуваат: Владо Јаневски, Нокаут, Елена Велевска, Бјело дугме, Слаткаристика, дуото Александар и Дац, Јован и Пајак, Два Бина, Артист Бенд и многу други, а вечерната програма почнува секој ден од 18 часот.
Програмата за најмладите ќе се реализира на пладне, в четврток настапуваат „Златните славејчиња“, а в петок „Распеани симитчиња“. Амбиентот на забава ќе го надополнат кловнови, жонглери и Дедо Мраз.
Сите активности ќе се реализираат на отворената сцена на градскиот плоштад, согласно мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.