Популарните локдауни и ковид сертификатите, покрај вакцинацијата, ја одбележаа пандемиската 2021 година и беа едни од најспоменуваните термини во домашните и светските медиуми.
Локдаунот или затворањето на државите беше опишан како „ограничувачка мерка што ја користат владите ширум светот за спротивставување на ширењето на Ковид-19 и воведување строги ограничувања на движењето, социјалната интеракција и пристапот до јавни места.
За време на претстојните новогодишни и божиќни празници експертите прогнозираат дека ситуацијата со коронавирусот ќе се влоши, бидејќи сојот Омикрон ќе предизвика нов бран инфекции, но лидерите на земјите сакаат да го избегнат заклучувањето како мерка.
Британскиот премиер Борис Џонсон ги отфрли обвинувањата дека новите владини мерки против ширењето на Омикрон ќе ја турнат земјата во нов локдаун.
Тој изјави дека ситуацијата во Велика Британија е различна од минатата година, и покрај стравувањата од брзо ширење на новиот сој, пред се, поради широката употреба на вакцини и тестови за коронавирус.
Џонсон нагласи дека луѓето доколку сакаат да присуствуваат на јавни настани „разумна е одлуката прво да се тестираат“.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека на неговата земја не ѝ треба „локдаун“ поради успехот на здравствениот сертификат во намалувањето на стапката на ширење на инфекцијата.
– Оние земји кои воведуваат карантин за невакцинираните се оние кои не воведоа здравствена пропусница. Затоа, таков чекор не е неопходен во Франција, изјави Макрон.
Австријците кои се невакцинирани против Ковид-19, меѓу кои и 12-годишни деца, од 15 ноември се во „локдаун“ врз основа на одлуката на австриската Влада донесена поради влошената епидемиолошка состојба.
Согласно владината одлука, сите граѓани кои не се вакцинирани против коронавирусот се во строго „заклучување“. Лицата кои немаат валиден сертификат за вакцинација, потврда за прележан Ковид-19 не постара од 180 дена, веќе не можат да влезат во сите продавници.
На 22 ноември Австрија влезе во четвртиот локдаун, со што стана првата западноевропска земја што повторно ја воведе оваа драстична мерка. Според тоа, ќе бидат затворени и божиќните саеми кои привлекуваат голем број туристи, но скијачките центри остануваат отворени за вакцинираните.
– Заклучувањето, релативно тежок метод, е единствената опција за намалување на бројот на инфекции овде, изјави министерот за здравство Волфганг Муекштајн.
И Словачка, земјата со 5,5 милиони жители, во ноември, поради зголемување на бројот на новозаразени и хоспитализирани, воведе „затворање“, првично само за невакцинираните, а од 25 ноември за сите граѓани.
Холандија ќе воведе божиќен локдаун со цел да се спречи ширењето на Омикрон варијантата на коронавирус. Сите продавници, освен оние за основни намирници, училиштата, баровите, рестораните и другите јавни места ќе бидат затворени најмалку до средината на јануари.
Премиерот Марк Руте рече дека ограничувањата се „неизбежни“.
Ова се најстрогите мерки што една земја ги воведе досега поради Омикрон.
И другите земји низ Европа ги заоструваат мерките поради брзото ширење на новата варијанта.
Првиот локдаун во Европа го спроведе Италија, која на 21 февруари одбележа една година откако воведе блокада поради Ковид-19 – затворањето опфати одредени региони, како што се Ломбардија и Емилија-Ромања, и специфични сектори, како што се дел од училиштата, и драстичните мерки што го шокираа светот.
Во тоа време, Италија имаше 152 регистрирани случаи и три смртни случаи од Ковид, па се изгледаше како прекумерна реакција. Сепак, како одминуваа деновите, мерките стануваа се порестриктивни – до 4 март сите училишта во Италија беа затворени, а една недела подоцна, целата земја беше под блокада.
Најголем локдаун претрпеа жителите на Мелбурн, вториот по големина град во Австралија, каде милиони луѓе од средината на август беа во изолација – нивно шесто затворање за време на пандемијата. Официјалните лица ветија дека ќе ја укинат забраната откако вакцинацијата со двојна доза за лица над 16 години надмина 70 проценти во државата Викторија, чиј главен град е Мелбурн.
Премиерот Скот Морисон потврди дека државата ја постигнала таа цел, така што има места каде стапките на вакцинација достигнуваат 80 и 90 проценти. На 21 октомври излегоа од локдаунот.
Во индискиот главен град Њу Делхи, пак, беа воведени мерки на заклучување во текот на викендите, со цел да се спречи драстичното зголемување на бројот на заразени со коронавирусот.
Според нив, за време на викендите беа затворени трговските и фитнес центрите, а рестораните не можеа да ги услужат граѓаните внатре во објектите. Властите соопштија дека дозвола за работа ќе имаат само оние кои им нудат неоходни услуги за живот на граѓаните.
Од земјите во регионот, грчката Влада не ја разгледува можноста за воведување нов локдаун.
Портпаролот Јанис Иконому категорично ја отфрли можноста за воведување нов целосен карантин во Грција, објаснувајќи дека се насочени кон напорите за зголемување на имунизациската покриеност и зајакнување на здравствениот систем.
Иконому рече дека Владата има конкретна стратегија со цел „да останат отворени и целосно функционални општеството, образованието и економијата“.
– Прво, не се разгледува можноста за воведување нов локдаун. Второ, се вложуваат континуирани напори за зголемување на имунизациската покриеност и со првата и со третата бустер доза, рече Иконому.
Во Бугарија, иако се прогнозираше дека во октомври ќе има нов локдаун, до тоа не дојде бидејќи бугарската Влада одлучи да ја контролира кризата со Ковид-19 и да обезбеди работа на сите здравствени установи без затворање на државата каде се спроведуваат сите мерки за поддршка на бизнисот.
Годинава и другите соседни земји, Србија и Албанија, ја избегнаа оваа најригорозна мерка.
Минатата година, според издавачката куќа „Харпер Колинс“, која објавува толковен речник на англиски јазик, „локдаун“ беше избран за збор на годината затоа што мерката, користена во многу земји во светот, „стана обединувачко искуство за милијарди луѓе ширум светот кои колективно играа улога во борбата против Ковид-19.
Со цел избегнување на локдаунот, земјите посегнаа по таканаречените ковид сертификати.
Европската комисија кон средината на март соопшти дека со сертификатите ќе се олесни движењето во ЕУ и притоа прецизираше дека целта на овој документ е да се опише медицинската состојба на лицето.
Од ЕК истакнаа дека ов ој документ не е пасош, ниту патна исправа, туку сертификат.
– Документот ќе ја опишува медицинската состојба на лицето. Има три димензии на здравствената ситуација: дали лицето е вакцинирано, дали направило ПЦР тест или дали има имунитет по заздравување од инфекција со Ковид, рече портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер.
Комисијата на 18 октомври го усвои извештајот за Дигиталниот сертификат за ковид на ЕУ и неговата имплементација низ Европската унија. Извештајот покажува дека сертификатот е клучен елемент во одговорот на Европа на пандемијата на Ковид-19, со издадени повеќе од 591 милион сертификати.
Податоците на ЕК покажуваат дека сертификатите придонеле за двојно зголемување на бројот на цивилни летови во јули во споредба со истиот месец минатата година.
Европските сертификати се признаваат во 43 земји, од кои 16 се надвор од ЕУ. Исто така, според ЕК, 60 странски земји сакаат да се поврзат со европскиот систем за сертификати за да обезбедат меѓусебно признавање со нивните сертификати за вакцинирани, прележани и тестирани.
Следната проценка на валидноста на сертификатите се очекува на 31 март наредната година. Дотогаш Комисијата може да предложи продолжување на користењето на сертификатите, во зависност од развојот на пандемијата.