Првата средба меѓу специјалните претставници на Турција и Ерменија за прашањата за нормализација на односите меѓу двете земји ќе се одржи во Москва, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

– Ерменија има таква желба, рече Чавушоглу во Анкара.

Како што пренесува агенцијата Анадолија, тој притоа кажал дека Турција се надева дека наскоро ќе почнат да се реализираат летови меѓу Истанбул и Ереван.

Овој месец Турција го назначи Сердар Кулач, поранешен амбасадор на земјата во Соединетите Американски Држави, за специјален претставник за дијалог со Ереван. Ерменија, пак, го назначи заменик-претседателот на Парламентот, Рубен Рубинјан.

И покрај заедничката граница, Ерменија и Турција немаат дипломатски односи. Во Цирих во 2009 година, министрите за надворешни работи на двете земји потпишаа протоколи за воспоставување дипломатски односи и за принципите на нивните односи, но тие документи не беа ратификувани од ниту една земја.