Новиот мост на река Сушица во Кичево што почна со градба во втората половина на септември целосно е завршен и ставен во употреба.

Со поставување завршен слој на асфалт од страна на ГП „АС Сењак" од Кичево, заврши изградбата на новиот мост на река Сушица. Средствата за оваа намена во износ од 10000 евра ги обезбеди Бирото за регионален развој на РСМ а почна да се гради кон крајот на септември годинава.

-Новиот мост на река Сушица во Кичево што почна со градба во втората половина на септември целосно е завршен и ставен во употреба. Новиот мост е доволно простран за да може во секое време на него да се разминат и две товарни возила што досега не беше случај, бидејќи стариот мост претставуваше тесно грло во овој дел од градот. Мостот се протега на површина од 160 метри квадратни,во неговата изградба се вградени 50 тони железо, што ја зголеми неговата носивост и што го направи издржлив и на најсилни потреси, истакна директорот на Бирото за регионален развој на РСМ, Рамиз Реџепи.

Тој појасни дека нешто порано со средства од истиот извор изградено е ново фудбалско игралиште во населба Раштански Пат во близина на поштата, а на потегот помеѓу двата моста во населба Календарица изградено е ново детско игралиште и спортски терен.

Од Бирото за регионален развој се обезбедени средства и за изградба на нов водоводен систем за село Србица од село Ново Село, за кој е избран и најповолниот понудувач, а ќе биде завршен во текот на пролетта, со што сите планирани проекти во целост ќе се реализираат.