Во Кавадарци денеска беше отворена нова градинка – „Сонце“, при градинката „Рада Поцева“, со услови да згрижи 142 деца од предучилишна возраст, распоредени во седум групи.

На отворањето присуствуваше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која истакна дека градинката е изградена по најсовремени стандарди. Децата од Кавадарци првпат по 40 години, истакна Шахпаска, добиваат нова градинка целосно финансирана од МТСП во склоп на Проектот за подобрување на социјалните услуги, поддржан од Светска банка, во вредност од 57,4 милиони денари.

-Таа е изградена согласно најсовремените стандарди за енергетска ефикасност и ќе користи и обновливи извори на енергија преку системот на сончеви колектори. Изминатиот период Владата и Министерството посветено работеа на остварување на социјалната реформа која, всушност, значи влог во човечкиот капитал, кој е најдолгорочната и најзначајната инвестиција на секоја Влада, рече Шахпаска.

Според градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, овој проект е од големо значење за општината бидејќи е реализиран според високите стандарди за ран детски развој и е една од најубавите и најсовремените градинки во земјата.

– Покрај големиот бенефит за дечињата, градинката ќе овозможи нови вработувања на воспитувачи и негуватели, односно цел персонал кој ќе се грижи за дечињата и за нивниот детски развој, истакна Јанчев.

Директорката на градинката, Цанка Добринова, рече дека грижата за децата од предучилишна возраст е меѓу најблагороднате професии.

-Горди сме што сега, во нови современи услови, ќе можеме да понудиме уште поквалитетна грижа за детскиот развој, рече Добринова.

МТСП информира дека градинката во Кавадарци е една од 10-те целосно нови чија изградба е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги.

– Како дел од Проектот, во тек е реконструкција, надградба и адаптација на уште три градинки, а четири се веќе целосно завршени. За 16 месеци, ова е 16-та градинка отворена од Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Владата и во соработка со општините, наведува МТСП.