Општина Берово распиша Јавен повик за откуп на фотографии со мотиви од пејсажи, активен туризам и туристички локалитети во Општина Берово. Меѓу останатите фотографии за откуп кои се предмет на Јавниот повик од Општината ги наведоа и фотографиите од планинарење, велосипедизам, и други активности во природа.
-Во оваа категорија спаѓаат и културно-историски споменици, традиции, фолклор, манифестации, природни убавини и туристички локалитети од Општина Берово како туристичка дестинација, со цел зголемување на туристичката понуда во согласност со Г2 – Програмата за поттикнување и развој на туризмот на Општина Берово за 2021 година, истакнаа од Општината.
Согласно програмата за поттикнување на развојот на туризмот за 2021 година, Општина Берово, како што додадоа има определно средства за наградниот фонд „Фото предизвик за млади“ за три награди.
-За прво место наградата изнесува 30.000 денари, за второ место 20.000 денари и трето место 15.000 денари за најдобро креиран промотивен материјал-фотографии за туристичка промоција на Општина Берово од буџетската сметка. Право на учество на јавниот повик имаат сите заинтересирани млади лица од 18 до 32 години кои се жители на Општина Берово, кои се занимаваат со изработка и продукција на фото и видео материјал, а кои ги исполнуваат условите од овој Јавен повик и Правилникот за награди и откуп на фотографии –фото предизвик за млади со мотиви од пејсажи, активен туризам и туристички локалитети, додадоа од Општина Берово.
Минималниот број на доставени фотографии е 20, а предност ќе биде и доставено видео во траење од една до три минути. Изборот и откупот на фотографии ќе се изврши врз основа на евалуацијата на исполнување на критериумите коишто се објавени на Општинската веб страница, каде се наведени и сите други детали во врска со Јавниот повик.