Во рамки на проектот „Зачувување на Белчишкото Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“ денеска Општина Дебрца организираше тркалезна маса, посветена на активностите за прогласување на локалитетот за заштитено подрачје.
Активностите се во насока на изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото, со цел прогласување на локалитетот за заштитено подрачје.
Проектот се имплементира од страна на Здружението „Екотуризам 2016“, а е финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд од каде блатото е препознаено како вреден и најзачуван блатен екосистем во земјата.
Преку проектот е замислено Белчишко Блато да биде подостапно за туристите, научниците, рекреативците. Досега во рамки на активностите се изградени одредени инфраструктурни објекти како набљудувачница за птици, видиковци за одмор и информативни знаци, се со цел негово приближување до посетителите.
Инфраструктура е предадена во трајна сопственост на Општина Дебрца, за да може да ја користи за развој на екотуризам, набљудување див свет и рекреација на посетители.