Претседателот на Полска, Анджеј Дуда денеска изјави дека одлучил да стави вето на законот за медиуми кој ќе ја принуди американската компанија Дискавери да се откаже од својот контролен удел во полската телевизија ТВН.
Дуда нагласи дека предлог-законот не е популарен кај многу Полјаци и ќе ја наруши репутацијата на земјата како место за водење бизнис.
Предлог-законот, неодамна усвоен од Долниот дом на Парламентот, ќе спречи кој било неевропски ентитет да поседува повеќе од 49 отсто од акциите во телевизиските или радио станиците во Полска.
Неговиот практичен ефект би бил насочен кон Дискавери Инк. која би била принудена да го продаде мнозинскиот, па дури и целиот удел во полската телевизија ТВН.
– Верувам дека генералното ограничување на можноста за поседување акции во медиумски компании е разумно кога станува збор за странски капитал. Го делам мислењето дека тоа треба да се воведе во Полска, но во иднина, истакна Дуда.
– Предлог-законот и неговите измени се однесуваат на субјекти кои се веќе присутни на пазарот. Тука е и прашањето за медиумскиот плурализам, слобода на говорот. При донесувањето на одлуката сериозно го земав предвид овој елемент, посочи полскиот претседател.
Голем број Полјаци го сметаат законот, кој беше „форсиран“ од владејачката Партија на правото и правдата, како обид да се замолчи телевизијата која емитува независно и често критичко известување за власта.
Неодамна во земјата се одржаа масовни протести за поддршка на телевизијата и слободата на говорот.
Дискавери се закани дека ќе ја тужи Полска пред меѓународен трибунал.