Вкупно 423 новогодишни пакетчиња собрани во акцијата „Подари насмевка“ во Крива Паланка се делат на дечиња од ранливи категории лица од општината.

Акцијата ја реализираат двете млади хуманистки Маја Јаќимовска и Рената Ѓоргиевска, како продолжение на минатогодишната акција на „Хуманија“.

– Им благодариме на сите драги хумани луѓе што се вклучија несебично во хуманитарната акција за собирање новогодишни пакетчиња. Собраните вкупно 423 пакетчиња тековно се доставуваат до дечиња од социјални категории во координација со училиштата и надлежните институции. Опфатени се дечиња од основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“, од селата: Мождивњак, Конопница, Нерав, Огут, Подржикоњ, Узем, Жидилово, Дурачка Река, Добровница, Луке, од домот за ученици „Боро Менков“, од дневниот центар за лица со попреченост, од социјалната зграда и повеќе семејства во социјален ризик, информира Јаќимовска.

Акцијата се спроведува под мотото „Биди и ти нечиј Дедо Мраз“ со која организаторите сакаат да усреќат што поголем број дечиња и да изнудат насмевки на нивните лица.

– Би сакале да им се заблагодариме уште еднаш на сите што несебично донираа и помогнаа успешно да ја реализираме акцијата. Списокот со донатори и слики од местата каде што е донирано ќе бидат објавени на нашите Фејсбук профили. Благодарност до сите што се собраа толку пакетчиња за голем број насмевки споделени со дечињата, изјави Ѓоргиевска.