Белоруската Уставна комисија објави нацрт-амандмани на Уставот, на помалку од два месеца пред одржување на референдумот за уставните измени.

Во документот се наведува дека се исклучува воена агресија од територијата на Белорусија против други држави, им се забранува на странските државјани и организации да ги финансираат изборите, а шефот на државата може да има само два мандата. Исто така е предвидено претседателот да може да прогласи вонредна состојба во случај на бунт, масовни немири, додека поранешен шеф на државата нема да може да одговара за одлуките донесени за неговиот мандат.

Според нацрт амандманите, Народното собрание е врховен орган на народната власт и ќе може да го смени и претседателот во случај на систематско или грубо кршење на Уставот, предавство на државата или друго кривично дело.

Во случај претседателот да почине по атентат или по терористички напад, воена агресија или насилни акции, тогаш се воведува вонредна ситуација или воена состојба, а државните органи дејствуваат во согласност со одлуките на Советот за безбедност.

Исто така се предвидува поранешен претседател да стане доживотен сенатор.

Референдумот за измени на Уставот треба да се одржи најдоцна во февруари 2022 година, а Лукашенко претходно вети дека ќе поднесе оставка од фунцијата по усвојувања на амандманите на Уставот.