Здравите дрвја засадени на локацијата што влегува во опфат на проектот за реконструкција и проширување на улицата „Македонски просветители“ во центарот на Охрид нема да се сечат туку ќе бидат пресадени на друга локација.

Охридската Локална самоуправа го прифатила предлогот на советничката од редовите на Левица во новиот состав на Советот на Општината, за обезбедување соодветна механизација за ископување на дрвјата сосе корен со можност за нивно пресадување на друга локација.

Советничката Виолета Аврамоска на својот фејсбук-профил уште објави дека општинските комисии за урбанизам и за финансии и буџет во кои и таа членува, на последната седница не ги прифатиле доставените предлог-одлуки за продажба на државно земјиште и тоа на локација кај Мауцкер по цена од евро за метар квадратен, како и за продажба на два објекти од комплексот кај поранешната касарна по цена од 70 денари по метар квадратен.

Нејзин предлог бил објектите во касарната да се искористат за социјални проекти, со забелешка дека од нивната продажба за 70 денари по метар квадратен општината нема да има никаков бенефит.

Претседателот на Советот на Општина Охрид денеска ги известил советниците дека спорната точка ќе биде повлечена од дневен ред на шестата седница на Советот закажана за задутре.