Во каменичкото село Дулица во тек е решавање на проблемот за сообраќајно поврзување на жителите на таканареченото маало Догрии. Во ова селско подрачје, како што информираа од Општината, се работи на пат во должина од околу еден километар.
-Патот е со вкупна должина од околу 900 метри, а фирма-изведувач е „Ве Група“ од Радовиш. Очекувањата се дека овој проект ќе биде завршен пред истекот на крајниот рок, односно пред март 2022 година, истакнаа од Општината.
Вршејки увид во динамиката на активностите за изградба на локалниот асфалтен пат, градоначалникот на М.Каменица, Димчо Атанасовски најави брза реализација на активностите во оваа маало.
-Во наредниот период ќе биде направен увид во сите започнати проекти и ќе се инсистира на нивна побрза реализација, бидејќи сите тие се од огромно значење за подобрување на квалитетот на живот на жителите на Општина Македонска Каменица, рече Атанасовски.
Додаде дека во моментот паралелно се работи на реализацијата на проектот „Водоснабдување на маала Павлиш Дол во Македонска Каменица“ кој е во завршна фаза на реализација, со кој жителите на оваа приградска населба ќе добијат чиста вода за пиење.