Справувањето со пандемијата, постепеното нормализирање во одделенијата за пружање здравствени услуги и со неколку нови апарати го означи годинашново функционирање на прилепската градска болница.
Од пролетта е со нов титулар – Општа болница со проширена надлежност, со припојувањето на Здравствениот дом и службата за Итна помош. Најголемата новина се очекува во јануари кога треба да пристигне новиот, долгоочекуван апарат за магнетна резонанца.
Болницата која дава здравствени услуги на околу 100 000 жители во Прилепскиот регион, се справи со ковид ситуацијата, посебно пролетта кога беше и пикот на пандемијата. Во функција до пред неколку дена беше модуларната болница во која годинава се лекуваа 285 пациенти. Модуларната е затворена, а пациентите се префрлени во инфективното одделение од практични причини.
– Модуларната болница си ја изврши функцијата во лекувањето на ковид-пациентите. Во овие зимски услови, бидејќи е празно инфективното одделение и е поврзано со централното греење, се префрлени пациентите. Моментално се лекуваат 18 граѓани, вели директорката на болницата Кети Смилеска.
Таа нагласи дека не беа запоставени и пациентите со други патологии на одделенијата во болницата, набавени се и неколку нови апарати, а во тек се специјализации и субспецијализации на лекари.
-Што се однесува до техничката опременост набавивме ново ЕКГ за интерното одделение, нов ЕХО апарат за одделението за гинекологија, во тек е набавката на дигестер за патологија. од министерството за здравство добивме и мобилен ретген апарат за ковид-пациентите. Се воведоа и нови методи – отстранување слепо црево лапараскопски, со камера, во тек е активирањето на апаратот за стрес-тест, преку интерното одделение овозможена е методата Холтер и лекарката се врати од супспецијализација и го применува овој метод. Од одобрените 34 специјализации, пратени се 27 општи лекари на специјализација и тројца на субспецијализација, вели Смилеска.
Конечно, во почетокот од 2022, поточно на 17 јануари, ќе пристигне новиот апарат за магнетна резонанца. По обуките се очекува од март да биде во функција.
– Наше е да ја опремиме просторијата целосно, а на 17 јануари ќе пристигне новиот апарат за магнетна резонанца. Персоналот помина дел обуки, останаа уште две и очекуваме од март да биде во функција со закажување преку „Мој Термин", што многу ќе значи, знаејќи колку е тешко за граѓаните во другите градови да закажат термин за магнетна резонанца, изјави Смилеска.
Што се однесува до текот на вакцинацијата, досега се вакцинирале 69 400 граѓани, од кои 33 400 со две дози, 4000 со три и 570 деца на возраст од 12 до 18 години.