Амбасадорот на Бугарија во Република Македонија Ангел Ангелов и неговата сопруга денеска беа во посета на градинката „Астибо“ во Штип, каде што на децата кои се згрижени во градинката им донираа пакетчиња за претстојните новогодишни и божиќни празници.

-Се забалагодарувам на градоначалникот, кој е млад и динамичен и соработката која ја воспоставивме започнува да дава резултати и верувам дека ќе ја продлабочиме и ќе реализираме нови проекти. Ние сме тука за да дадеме новогодишни пакетчиња на децата, а ќе посетиме и еден Центар за деца со посебни потреби, изјави Ангелов.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов истакна дека соработката со амбасадорот Ангелов продолжува, а минатиот месец Општина Штип беше дел од кампањата за заштита на жените од семејно насилство, која беше организирана од сопругата на амбасадорот, а под медиумско покровителство на државните агенции МИА и БТА.

-Се надевам дека наредната година ќе продолжиме со уште проекти, кои ќе значат подобрување на состојбата во нашиот град, вели Јорданов.

Бугарскиот амбасадот Ангелов не сакаше да коментира на прашањето дали наскоро се очекува решавање на македонско-бугарскиот спор, имајќи предвид дека деновиве и лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека нив како партија не им пречи во Уставот да се впише и бугарското малцинство.

-Во моментов кај нас се празници, денес е втор ден од Божиќ и е неработен ден и тоа се големи празници, за кои мислам дека би требало да има и да бидат денови кога не треба да зборуваме за политика, вели Ангелов.

Штипскиот градоначалник и бугарскиот амабасадор очекуваат во наредниот период и поблиска економска соработка меѓу двете земји, како и со некои од општините во Бугарија.