Како една од мерките против енормното загадување на воздухот во Струмица се предлага мапирање на потенцијалните загадувачи. Оваа мерка, покрај постојните, ја предлага градоначалникот Костадин Костадинов, кој најавува формирање работно тело во кое ќе бидат застапени претставници на сите политички партии кои партиципираат во Советот.
Според струмичкиот градоначалник, телото треба да се формира по завршувањето на празниците.
-Ова тело заедно со инспекциите на Општина Струмица ќе работи на терен за мапирање на потенцијалните загадувачи. Ова е сериозен предизвик кој не може веднаш да се реши, но Струмица има добра основа да го решава проблемот. Тоа е првата системски гасифицирана општина во државата и тоа што треба ние да правиме е да мотивираме, јас како градоначалник, советниците, вие како новинари, граѓаните што повеќе да се приклучуваат на гасоводната мрежа. Природниот гас останува најевтин енергенс за затоплување и е најеколошко гориво, рече Костадинов, кој најави субвенции за граѓаните за секој потрошен кубен метар гас во износ од 10 денари.
Тој додаде дека најголем загадувач на воздухот во Струмица е огревното дрво, со кое се затоплуваат најголем број од граѓаните, но и користењето на најразлични други материјали.
Поради високата загаденост на воздухот општината од вчера излезе и со повеќе препораки со кои, меѓу другото, се предвидува ослободување од работни обврски на повеќе категори на граѓани, реорганизирање на работното време, забрана за спортски натпревари и манифестации на отворено и други мерки.
Во изминативе неколку денови Струмица е меѓу најзагадените градови во државата, но и пошироко, на што реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Струмица останува еден од најзагадените градови во светот. Сепак, во повеќе мои обраќања апелирав и денеска Општински комитет ВМРО-ДПМНЕ Струмица бара да се детектираат сериозните загадувачи на воздухот во Струмица, а потоа да се преземат мерки за да се врати природно чистиот воздух во Струмица, рече на денешната прес-конференција претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов