Во Европа во 21 век повторно се распоредуваат војски, се поставува бодликава жица на границите и ќе се градат ѕидови со цел да се спречи влез на мигранти. Не се почитуваат ниту националните, ниту законите на Европска Унија, како и меѓународното право и потпишаните Конвенции за пружање на помош и згрижување на луѓе, кои заминале од татковината поради загрозена безбедност и нарушени социоекономски права.

Додека еден авторитарен режим ги манипулира луѓето кои сакаат да стигнат до Европа, им организира транспорт до надворешната граница на Европска Унија, користејќи ги како средство за одмазда поради воведените санкции и во обид за дестабилизација на ЕУ, засегнатите балтичките држави и Полска, тврдејќи дека ја бранат Унијата од нов мигрантски бран, не покажуваат солидарност и бараат изградба на ѕид на границата со Белорусија.

Уште на почетокот од годината Литванија, Летонија и Полска објавуваа за зголемен број на приведени лица кои се обиделе илегално да ја преминат границата и тврдат дека тие пристигнале на границата на ЕУ и на НАТО со помош на белоруските власти.

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко уште во 2020 година го олеснува визниот режим со 76 држави, меѓу кои и со Сирија, Либија, Ирак и Авганистан. Туристички агенции во Сирија, во Ирак и Турција рекламираат патување во Белорусија, но нудат и сместување и работа во ЕУ. Таквите патувања чинеле од 10.000 до 20.000 долари. Белорусија годинава значително ги зголеми бројот на летови за Блиски Исток со кои се превезувале мигрантите.

Првично мигрантите беа носени на границата со Литванија и со Летонија, за на средината на годината притисокот да се пренасочи на границата со Полска. На почетокот на мигрантите им беше дозволен влез во Литванија, во Летонија и во Полска и беа сместувани во посебни центри, но како се зголемуваше нивниот број, почна да не им се дозволува влез, да се интензивира граничната контрола, се постави и бодликава жица и се затворија границите.

Во август дополнително се зголемува бројот на мигранти кои сакаат да влезат во Полска, откако Варшава одлучи да и даде азил на белоруската атлетичарка Кристина Тимановскаја, која одби да се врати во татковината од Олимписките игри во Токио.

На тоа реагира полскиот заменик министер за внатрешни работи Маиеј Васик обвинувајќи го Минск дека води хибридна војна со ЕУ со помош на илегални мигранти поради воведените санкции од страна на ЕУ поради претседателските избори и справувањето со антивладинте протести.

Мигрантската криза на границата на Белорусија со Полска ескалира на 8 ноември, кога околу 4.000 луѓе пристигнаа на белоруско-полската граница и одбија да го напуштат меѓуграничниот простор. Периодично имаше и обиди за насилно влегување, поради што полската армија употребија и водени топови.

Варшава и Минск почнуваат меѓусебно да се обвинуваат за ситуацијата на границата која се заканува да прерасне во хуманитарна криза, бидејќи илјадници луѓе со денови беа заглавени на ничија земја без храна, вода и засолниште. Полска одбива да ги прими мигрантите тврдејќи дека со тоа нема да биде решен проблемот туку ќе биде охрабрување за другите мигранти да пристигнат во ЕУ.

– Ако сега не можеме да задржиме илјадници мигранти, тогаш стотици илјади, милиони наскоро ќе тргнат кон Европа. Ако одлучно не ги браниме нашите граници во Европа, стотици милиони од Африка или од Блискиот Исток ќе се обидат да стигнат до Европа, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Тој мигрантската криза ја оценува како напад од страна на Белорусија врз Полска и врз ЕУ.

– Овој напад, кој го спроведува Лукашенко смислен е во Москва. Човекот кој стои зад се ова е претседателот Путин, истакна Моравјецки.

Лукашенко ја обвинува Полска дека создава мигрантска криза поради несогласувањата на Варшава со ЕУ, а дека и намерата е да се вовлече Русија во судирот.

Полска и балтичките земји побараа и помош од НАТО за справување со кризата, а ЕУ воведува нови санкции за 17 поединци и 11 субјекти за кои се смета дека се виновни за кризата на границата меѓу ЕУ и Белорусија, како и за белоруската државна авиокомпанија „Белавија” и сириската „Чам Винг”.

Варшава и Брисел го обвинуваат Лукашенко дека намерно создал криза така што со авиони доведувал мигранти од Блиски исток, а потоа ги поттикнал илегално ја преминат во Полска и во Литванија. Европска комисија и Германија го одбија предлогот на Белорусија ЕУ да прифати 2.000 мигранти, а САД го обвинија Минск дека ги користи мигрантите „како пиони за да создава проблеми”.

По девет дена, на 18 ноември белоруските власти ги празнат мигрантските кампови на границата со Полска, а белоруската новинска агенција Белта јави дека мигрантите се префрлени во центри далеку од границата. Со тоа се намалуваат тензиите помеѓу Истокот и Западот, но кризата не е надмината.

Повремено мал број луѓе се обидуваат илегално да влезат во Полска. Според процените на Варшава околу 7.000 мигранти останале во Белорусија, а 3.000 биле вратени во Ирак и во Сирија.

Кризата се уште не е надмината, а Полска и Белорусија речиси идентично се однесуваат кон мигрантите. Според Високиот комесаријат на ОН за човекови права мигрантите од двете страни на границата има ограничен пристап до храна, вода и засолништа.

Варшава и Минск не им дозволуваат на новинарите, хуманитарните организации ниту на Обединети нации пристап до границата помеѓу двете држави.

Минатата недела портпаролката на Високиот комесаријат на ОН за човекови права изјави дека еден тим на ОН може да оди во Полска, но нема дозвола да ја посети граничната зона, додека Белорусија го блокирала пристапот до цела нејзина територија.

– Бараме од властите на двете земји веднаш да дозволат пристап до граничните зони за претставниците на хуманитарните организации и организациите за одбрана на човековите права, за новинарите, адвокатите, како и претставниците на цивилното општество, посочи портпаролката на Високиот комесаријат на ОН за човекови права.

Таа исто така апелираше Белорусија и Полска „итно да се справат” со очајната ситуација во која се наоѓаат мигрантите и бегалците во двете држави