Анализите за квалитетот на водата од Хидросистемот „Злетовица“, од што зависи добивањето на дозволата за дистрибуција на водата низ градот Штип се прават во Институот за јавно здравје во Белград, информираше градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Посочи дека заедно со директорот на Институтот за јавно здравје во Скопје одлучиле испитувањата да се направат во Белград, со цел побрзо да се добијат резултатите. Штип веќе неколку месеци чека на резултатите, бидејќи дистрибуцијата и преработката на водата од ХС „Злетовица“ е поевтино, во споредба со трошоците кои ги има ЈП „Исар“ од користење на водата од бунарскиот систем.
-Добивме информација дека доцнењето на резултатите е од техничка природа,една од машините, односно од апаратите, којшто треба да се користи за испитувањето на водата за пиење не е во функција и од таа причина одлучивме, да испратиме примероци од водата во Институтот во Белград. Се надевам дека за неколку денови ќе добиеме повратна информација. Доколку водата е лабараториски исправна и радиоактивна исправна водата за пиење истата ќе биде ставена и пуштена во водоводниот систем и диструбуирана до корисниците, жителите на Општина Штип, вели Јорданов.
Посочи дека користењето на водата од ХС „Злетовица“ е од корист на Општина Штип, имајќи ја во предвид енергетската криза и трошоците кои ги имаат за електрична енергија за пумпите во бунарскиот систем.
-Со добивање на водата од ХС „Злетовица“ се надеваме дека трошоците ќе се намалат и нема да имаме дополнителни трошоци за електрична енергија. Така да час поскоро за нас како општина и за ЈП „Исар“ е да ги добиеме повратните информации од Институтот за јавно здравје и истата вода да ја ставиме во функција, потенцира Јорданов.
Забележа дека ЈП „Исар“, кое е надлежно за преработка и дистрибуција на водата низ системот од 1 јануари излегува на слободниот пазар за набавка на електрична енергија. Анализите за колку пати ќе се зголемат трошоците на општините и јавните претпријатија ќе се знаат наредниот месец. Тој рече дека првичните проекции се доколку ЈП „Исар“ во моментов плаќа околу пет милиони денари за струја, овој трошок во јануари ќе се зголеми за три до четирипати. Тоа значи дека сметката на ова комунално претпријатие би била околу 20 милиони денари, што не е одржливо за претпријатието, ниту за општината. Смета дека треба да се направи државна интервенција, бидејќи со зголемената цена на струјата за општините и нејзините институции не верува дека ќе останат ликвидни, ниту дека ќе имаат и средства за проекти.
-На првото Собрание на ЗЕЛС, градоначалниците ја потенцираа оваа тема, со која ќе се соочуваме како општини, потоа стопанството, бизнис секторот. Општините имаат реален проблем со цената на електричната енергија и предлогот е да се достави барање до Владата за да може да интервенира, за да практично се замрзне цената на електричната енергија, односно покачувањето на биде субвенционирано покриено со државна интервенција, за да се овозможи општините и јавните претпријатија да останат ликвидни, доколку тоа не се случи, да бидам искрен ќе бидеме соочени со реален проблем и со функционирањето на институциите, истакна Јорданов.
Додаде дека ова ќе повлече и зголемување на цената на услугите, кои ги даваат штипските јавни претпријатија на граѓаните. Јорданов забележа дека цената на струјата освен што ќе се зголеми за претпријатија, повеќе пари за струја ќе даваат и детските градинки, училиштата.