Бронзената биста на народниот херој „Мирко Милески-Урош“, поставена на постамент во гимназискиот двор во Кичево, поради забот на времето напукнала и ако наскоро не се санира ова оштетување на бронзената биста, истата може и уште повеќе да се оштети.

Од претседателот на училишниот одбор Зоран Стојкоски беше речено дека и покрај неповолната финансиска состојба во училиштето, ќе вложат напор да се санира ова оштетување и да се спаси бистата од целосно пропаѓање.

-Бистата на народниот херој „Мирко Милески“ поставена во училишниот двор пред шест децении, поради забот на времето е напукната во делот од черепот и поради снегот, студот и мразот ова оштетување со тек на време ќе биде уште поголемо, а не се исклучува и можноста по извесен период бистата и да се преполови. И покрај блокираната сметка на ОСУ„ Мирко Милески “, сепак ќе вложиме дополнителен напор да обезбедиме средства бистата да се однесе во леарница во Скопје и истата да се врати во првобитната состојба и повторно да се постави на постаментот во гимназискиот двор, кој е препознатлив токму по овој белег, најави Стојкоски.

Тој појасни дека и постаментот со тек на време почнал да се накривува и тоа е дополнителна опасност, постаментот заедно со бистата да се срушат на земја.