Локалниот совет за превенција на денешната редовна месечна седница, по пријава на граѓани, расправаше за појавата на нелегални козметичари во Општина Струмица и притоа е заклучено дека давателите на таа услуга треба да го легализираат своето работење.
Градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека и за нив важи истото како за уличните продавачи.
-Го разбираме социјалниот момент и не планираме никого да казниме, туку нашата примарна цел е таквите луѓе да ги ставиме во системот, да подмируваат плати, да плаќаат давачки кон државата и општината заради поголема функционалност без да имаат штета на нивните бизниси. На многу различни начини го потикнуваме развојот на претпримништвото на мажите и жените, на младите, но мора да има ред за да имаме и општина и држава, рече градоначалникот Костадинов.
При разгледувањето на извештајот за преземените мерки за отстранувањето на уличните и нелегални продавачи, кои се тргнати од централното градско подрачје, беше констатирано дека се изречени дваесети прекршочни казни и две кривични.
-За таа цел секојдневно работи пазарот „Чешел“ каде тие луѓе можат да продаваат. Секој кој го почитува законот, секој кој ги почитува нашите апели нема да се соочи со казна. Секој што ќе продолжи без да ги почитува законите и насоките од Локалниот совет за превенција нормално е дека следува казна, подвлече Костадинов.
Додаде дека и за време на претстојните празници инспекциските служби и полицијата ќе продолжат со уште позасилено темпо да ја превенираат појавата на диви продавачи.
Според началникот на СВР Струмица, Томе Весев, во изминатиот период полицијата успешно презела мерки за расчистување на дивите површини од непрописно паркирани возила и површините се ослободени за движење на возилата и пешаците.
Локалниот совет за превенција на Струмица одржува седници секоја последна среда во месецот на кои се разгледува договореното, но и се детектираат нови проблеми.