За прв пат годинава во месноста Дервишка нива во близина на превојот Барбарас ќе биде отслужена Панихида во помен на 144 обезглавени Поречани, настан што се случил на 6 јануари(Бадник) 1916 година, а ќе биде откриена и спомен плоча со имињата на настраданите.

По долго истражување професорот Зоран Тренески, заедно со својата екипа потврди дека на 6 јануари 1916 година се случил масакр кога се обезглавени 144 угледни Поречани, свештеници, учители и побогати жители од овој регион, масакр изведен од тогашните окупаторски бугарски власти.

– Иако досега се оперираше од бројка од 106 обезглавени Поречани кај Дервишка нива, со голема сигурност е потврдено дека тука се обезглавени 144 жители од овој регион. Во спомен на настраданите на местото викано Дервишка нива каде пред 106 години се случил масакрот, на 6 јануари следната година, ќе биде отслужена панихида и во нивна чест ќе биде откриена спомен плоча со имињата на сите Поречани кои настрадале на тој ден, истакна Бојан Бежоски, член на екипата што го изврши ова истражување.