Официјално денеска е пуштено во употреба целосно реновираното подрачно училиште „Никола Карев“ во крушевското село Боротино. Училиштето е целосно реновирано, со нови, дополнителни содржини и подобрени услови за учениците.

Реновирањето е во рамките на проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), од компонентата 3 – обезбедување, стимул на училиштата и реновирање.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски овој проект е најава за реконстукција и доградба на уште неколку подрачни училишта.

-Годинава ја завршуваме со овој голем проект за младите и за учениците. Покрај тоа што ги подобруваме условите во ова училиште, создаваме и една пријатна атмосфера за учениците. Она што е уште поважно е дека овој проект е најава за големи инвестиции во образованието, односно реконструкција и доградба ќе имаат уште неколку подрачни училишта идната, 2022 година, изјави Христоски.

Наставникот Далип Демиќ 40 години е во училиштето во Борино и се радува на неговото обновување.

-Јас сум наставник во ова училиште 40 години и чувствувам вековна промена. Среќен сум што доживеав да работам во вакви услови, вели Демиќ.

Во ова училиште учат деца од прво до петто одделение од две националности: Бошњаци и Албанци. Наставата во училиштето се одвива на два јазици, на македонски и на албански.

Целосното реновирање на училиштето околу два милиони и 400 илјади денари.

Инаку, во тек се реконструкција на фискултурната сала и промената на покривната конструкција во основното училиште „Никола Карев“ во Крушево.