На првата седница која денеска прилепскиот совет ја пренесуваше во живо, советниците го донесоа буџетот за наредната 2022 година.

Вкупните приходи во буџетот за 2022 година се проектирани на околу една милијарда и 412 милиона денари и во споредба со годинашниов буџет, приходите бележат пад за 11, 22 насто. Расходите се проектирани на истото ниво.

Приходите се, главно, од дотациите од 761,8 милиони денари, од даноците во висина од 249,2милиони денари, капиталните приходи учествуваат со 138,8 милиони денари, неоданочените приходи се 93,4 милиони денари, а трансферите учествуваат со 130,8 милиони денари.

Конкретно, приходите на основниот Буџет се 528 милиона денари и покажуваат намалување од 634 милиона денари во споредба со годинава.

Според прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, за проектирањето на буџетот за 2022 локалните власти се раководеле не од зголемување на даночните оптоварувања, туку од напорите што ќе ги прави општинската администрација преку зголемено ангажирање да оствари оптимално ниво.

– Планираните приходи не преставуваат дополнително даночно задолжување за даночните обврзници. Врз основа на овие претпоставки ја базираме проекцијата на приходи на основниот Буџет за 2022 година, при што цениме дека е реален и остварлив, рече Јовчески.

Што се однесуваа на расходите во 2022 година, главно ќе се троши на: финансирање на основното и на средното образование, каде ќе се распределат 679 милиони денари, за социјалната заштита се наменети 137 милиони денари, за градската библиотека12, 6 милиони денари, за противпожарната заштита 30 милиони денари.

Со 207 милиони денари или 39,27 насто за капиталните расходи, основниот Буџетот на Прилеп се смета дека има развоен карактер.

Меѓу капиталните проекти се: изградба и реконструкција на улици и локални патишта со 124 милиони денари, потоа за тротоари, пешачки патеки, за зимското одржување, за градинката во населбата Точила, за јавната чистота, за јавното осветлување, набавка на автобуси за градскиот превоз, за системи за водоснабдувае и за канализација и други дејности.

На денешната седница советниците ги усвоија и програмите за субвенционирање на јавните комунални претпријатија и на месечните трошоци за вода на социјално ранливите категории граѓани за 2022 година. Се усвои и буџетскиот календар и програмата за доделување еднократна парична помош на секое семејство за новородено дете.