Едногласна одлуката за именување на објектот денеска донесе Советот на Општина Кочани, а по предлог на советникот Венко Крстевски, кој во образложението истакна дека се работи за спортист и спортски работник кој оставил траен белег во развојот на кошарката во општината и пошироко.
– Ние, помладите сограѓани го знаеме Лазарев од неговите тренерски активности, а постарите се сеќаваат на него како одличен кошаркар. Негов успех не се медалите и трофеите што ги има освоено, туку што во изминатите децении опфати голем број деца и млади и им ги откриваше тајните на играта под обрачите. Со тоа ги насочи кон вистинските животни вредности, наместо да им се закануваат опасностите и пороците на денешното време. Тој има огромно влијание за развојот на кошарката во градот, а верувам дека ние, како локална самоуправа, ќе успееме во иднина повторно да го вратиме овој спорт на старите патеки, а за што очекувам да се инвестира во реконструкцијата и подобрувањето на условите во спортската сала, истакна Крстевски.
На денешната седница беше усвоен и предлогот од советникот Томе Солевски, Советот на Општина Кочани да биде носител и организатор на младински кошаркарски турнир, што ќе се организира во спомен на кошаркарот Лазарев.
Сашо Лазарев – Чапо беше член на поранешните кошаркарски клубови „22 Октомври“ и „Кочани“, а голем придонес даде во најславните денови на екипата на „Деликатес“, кога таа беше меѓу најдобрите во државата. По завршувањето на кошаркарската кариера, беше основач и тренер во клубот „Баскет Дино“ низ кој поминаа поголем број млади кошаркари од Кочани и регионот.