Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, им додели новогодишни пакетчиња на дечињата од градинката „Детелинка” како и на корисниците на Дневниот центар од градот.
Градоначалникот ги посети двата објекти на установата за згрижување деца од предучилишна возраст, заедно со претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска и претставници на општинската администрација, заедно со Дедо Мраз.
– Дарувањето подароци за најмалите и најмили жители на градот е задоволство кое ни ги исполни срцата ова утро на сите нас. Се радувам што со овој убав чин на дарување разбудивме радост и среќа во детските срца, насмевки на нивните лица и надеж за подобро утре, давајќи им до знаење дека и тие се дел од големо семејство кое се вика oпштина Крива Паланка. Општината во своите оперативни планови и конкретни активности посебно внимание им посветува на најмалите, водејќи грижа за подобрување на условите за нивниот правилен раст и развој и квалитетен воспитно-образовен процес. Посакувам секој миг од нивните животи да биде исполнет со убавини и радост, здравје и добра мисла, со просперитет и исполнети соништа и желби, изјави градоначалникот Митовски.
За возврат, дечињата се претставија со новогодишни песни и игри, а во знак на благодарност им доделија и честитки изработени со помош на нивните воспитувачи.
Во рамки на новогодишниот базар на градскиот плоштад во Крива Паланка деенска и утре општината организира богата програма за најмладите, на пладне гостува хорот на „Златно славејче”, а утре настапуваат „Распеаните симитчиња”, со дополнителна забава со кловнови и жонглери, а пристигнувањето на Дедо Мраз ќе биде изненадување за сите.ид/лв/