Холандските цариници запленија повеќе од 1,6 тони кокаин скриен во товари со банани, зрна какао и цемент, соопшти Обвинителството.

Дрогата, проценета на 143 милиони долари на црниот пазар, била скриена во три контејнери. Еден бил од Еквадор, а товарот бил наменет за компанија во Барендрехт, во близина на Ротердам, објаснија обвинителите.

И контејнерот со какао дошол од Еквадор, но транзитирал низ Колумбија, а потоа низ Антверпен.

Контејнерот со цемент, пак, патувал за Португалија. Во него биле пронајдени пет спортски јакни со кокаин.

Оваа година во пристаништето во Ротердам се запленети невидени количини дрога.

Царинските власти во вторникот објавија дека заплениле рекордни 68 тони кокаин, наспроти 49 тони во 2020 година.

Европол предупреди дека Холандија и соседна Белгија се на пат да станат главен центар за шверц на кокаин, што доаѓа главно од Колумбија.