Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов информира дека наредната година продолжува изградбата на обиколницата од булеварот „Гоце Делчев" до мостот на реката Брегалница, кај бањата Кежовица. Оваа обиколница ќе овозможи растеретување на сообраќајот низ централното градско подрачје, но и развој на градот межу населбите Пребег и Железничка, па се до населбата Ново Село.

На овој потег со средства од ТАВ во висина од над 1.200.000 евра ќе се гради и новата водоводна линија 2, која ќе овозможи подоброводоснадување на населбите кои се во повисоките зони, но и конечно развивање на бањскиот туризам. Низ годините за да се градат хотели или спа центри кај Кежовица пречка беше токму квалитетното водоснадување.

– Вториот приоритет е изградба и проширување на крстосницата во населбата Сењак, на улиците „Борис Крајгер" и „Сремски фронт", а третиот приоритет е изградба на фекална канализација во населба „Железничка", вели Јорданов.

Посочи дека нивната реализација ќе стартува наредната година, а Штип конечно ќе има и јавен градски превоз, кој ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство. Се прави план и за субвенционирање на овој превоз.

Јорданов вели дека потребата од јавен градски превоз доаѓа пред се од барањата на граѓаните, но и намалувањето на бројот на такси возила во градот.