Во соработка со Македонската православна црква – Охридската архиепископија и Православниот богословски факултет (ПБФ) „Свети Климент Охридски" – Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) како издавач на монографското дело „Возобновителот" во чест на Архиепископот охридски и македонски Доситеј (1906-1981) – ја организираше промоцијата и претставувањето на монографијата пред пошироката јавност, која се одржа во вторникoт во Македонската филхармонија.

На промоцијата, како што соопшти КОВЗРГ, присуствуваа голем број видни гости од државните и црковните институции, меѓу кои архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, кој имаше и свое пригодно обраќање пред присутните.

На промоцијата присуствуаа и бискупот на Скопската бискупија и епарх на Струмичко-скопската епархија, монсињор Киро Стојанов, претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев, ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, како и нивните високопреосвештенства, митрополитите: преспанско-пелагониски г. Петар, повардарски г. Агатангел, европски г. Пимен, брегалнички г. Иларион, тетовско-гостиварски г. Јосиф, кумановско-осоговски г. Григориј и Митрополитот г. Јосиф, како и неговото преосвештенство, викарниот епископ антаниски г. Партениј, деканот на Православниот богословскиот факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, како и преставници од државните институции, професори, свештеници, студенти, богослови и почитувачи на ликот и делото на блаженоупокоениот поглавар Доситеј во чија што чест се одржа промоцијата.

Промоцијата на монографијата „Возобновителот" издадена од страна на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а подготвена во сотрудништво со МПЦ-ОА и со ПБФ „Свети Климент Охридски" започна со песната за Патрикот „1762 лето" и со тропарот на патронот на МПЦ-ОА – свети Климент Охридски.

Свое воведно обраќање на почетокот на културно-уметничката програма имаше директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, кој поздравувајќи ги присутните укажа на значајноста на овој настан и на монографијата, која излегува од печат по повод големиот јубилеј 30 години од обновената современа македонска државна сувереност и независност, како и по повод двојниот јубилеј на архиепископот Доситеј (115 години од неговото раѓање и 40 години од неговото упокојување), кој како Возобновител на древната и славна Охридска архиепископија веќе зазема посебно, светло место во македонскиот национален пантеон.

По промотивните излагања пред присутните се обрати и наследникот на архиепископот Доситеј на охридскиот трон – Престојателот на МПЦ-ОА, Неговото блаженство, Митрополитот скопски, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијата Прва г. г. Стефан, кој уште еднаш ја нагласи големината и делото на архиепископот Доситеј, кое заслужува траен спомен од сите верни чеда на нашата Светиклиментова црква.

На промоцијата свои изведби имаше и хорот при храмот „Рождество на Пресвета Богородица" од Скопје, како и од дуетот виолини.