Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, кој поднесе оставка поради обвиненија за корупција, од следната година ќе работи во САД за инвестициската компанија „Тиел Капитал“, објавија денеска австриските медиуми.

Весникот Кронен Цајтунг објави дека Курц им потврдил дека од првиот квартал на 2022 година ќе работи како глобален стратег во компанијата, основана од милијардерот Питер Тиел.

Курц (35) поднесе оставка од функцијата канцелар на почетокот на октомври по повеќекратните обвинувања за корупција, а на почетокот на декември се повлече од сите политички позиции, вклучително и од претседателството на Австриската народна партија.

Тој е еден од 10-те лица осомничени за корупција поради користење јавни пари за манипулирање со анкетите во негова полза кои му помогнале да стане партиски лидер и канцелар во 2017 година.

Курц ги негира сите обвиненија.