Ракометарите и членовите на раководството на Еурофарм Пелистер во хуманитарна мисија посетија повеќе детски установи во Битола и притоа ги подарија стотиците кадифени мечиња со кои навивачите на симболичен начин пред две недели го „прекрија“ паркетот во салата „Боро Чурлевски“ на полувремето од ракометното дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961.
– РК Еурофарм Пелистер ја реализира својата хумана акција, која предизвика голем интерес и хуман одговор од нашите симпатизери и навивачи. Нашите ракометари и членови на клубот ги поделија кадифените мечиња во Домот за доенчиња, Заводот за децата со оштетен слух, говор и глас „Кочо Рацин“, ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ и детската градинка „Снегулка“ во Битола, соопшти македонскиот ракометен вицешампион.
Клубот најави дека „и во иднина ќе реализира хуманитарни акции и со своите дела ќе ги потенцира вистинските вредности во животот“.