Новата чешка централно-десничарска влада најави замрзнување на платите на државните службеници и поскромно зголемување на платите во здравството, образованието и социјалните сектори.
Ова се дел од заштедите кои би требало значително да го намалат буџетскиот дефицит за следната година.
Владата назначена претходно овој месец вети дека ќе го намали дефицитот на буџетот на централната влада следната година под 300 милијарди круни (13,66 милијарди долари). Владата во заминување цели на дефицит од 380 милијарди круни.
Во ноември, Министерството за финансии прогнозирало дека буџетскиот дефицит за следната година ќе биде 4,4 отсто од бруто домашниот производ, наведува Ројтерс.
„Ги замрзнуваме платите на вработените во јавната администрација и на нас функционерите“, рече министерот за труд и социјална политика Маријан Јуречка на прес-конференција.
„Најдовме компромис, клучните професии во борбата против пандемијата, како што се социјалната и здравствената заштита, наставниците, вработените во армијата, сепак да добијат одредено зголемување“, додаде Јуречка.
Платите на наставниците ќе се зголемат за два отсто, а на здравствените и социјалните работници за шест отсто. Месечните плати за вработените во армијата и полицајците наместо за 1.000 ќе се зголемат за 700 круни.
За следната година е најавен законот за замрзнување на платите на државните функционери.
Планираното замрзнување на платите е дел од амбициозниот план за штедење, чија цел е намалување на трошоците на централната влада за околу 4,7 милијарди круни во споредба со плановите на владата во заминување.
Јуречка, исто така, посочи дека ќе ги прошири програмите за помош на домаќинствата најтешко погодени од поскапувањето на енергијата.
Инфлацијата во Чешка се зголемила на шест отсто во ноември, а се очекува да достигне околу осум отсто на почетокот на 2022 година, поттикната од зголемените цени на енергијата, прекините на синџирот на снабдување и недостигот на работна сила.
Чешката Република ќе го започне привремениот буџет во 2022 година, а владата планира да подготви нов предлог до крајот на март.