Законот со кој се забранува пристап на руски бродови во територијалните води на Украина од денеска стапи во сила.
Документот, кој го усвои украинската Врховна рада на 3 декември 2020 година, е објавен на веб-страницата на украинскиот Парламент.
Законот им забранува на бродовите под знамето на „државата агресор“, како што официјален Киев ја нарекува Русија, да превезуваат патници и стоки на меѓународните линии меѓу речните пристаништа, пренесува РИА Новости.
Освен тоа, документот забранува регистрација на бродови чии сопственици се руски државјани, во Државниот регистар на бродови на Украина.
Внатрешните речни текови во Украина вклучуваат реки како што се Днестар, Дунав, Днепар и други.
Руско-украинските односи се влошија поради оружениот конфликт во Донбас.
Украина ја обвинува Русија за мешање во внатрешните работи, а во јануари 2015 година ја прогласи за „земја агресор“. Западот ја поддржа Украина и воведе санкции кон Москва.
Москва, пак, постојано нагласува дека не учествува во внатрешниот конфликт во Украина и дека е заинтересирана Киев да ја надмине политичката и економската криза.