Американскиот претседател Џозеф Бајден утре ќе разговара со украинскиот колега Володимир Зеленски.

Бајден вчера изјави дека за време на телефонскиот разговор го предупредил рускиот претседател Владимир Путин дека „не може да тргне против Украина”.

Тој изјави дека „ако Путин тргне против Украина”, ќе има строги санкции и Америка ќе го зголеми присуството во Европа со сојузниците од НАТО.

Двајцата лидери разговараа 50 минути во четвртокот вечер.

– Го информирав претседателот Путин дека доколку направи каков било потег, ако тргне противУкраина, ќе се соочи со строги санкции. Ќе го зголемиме нашето присуство во Европа, заедно со сојузниците во НАТО, и ќе плати висока цена за таквиот потег, им рече Бајден на новинарите додека го напушташе ресторанот во Вилмингтон, во американската сојузна држава Делавер.

Бајден истакна дека Путин се согласил за „три големи конференции” следниот месец, на кои ќе присуствуваат високи претставници од двете страни, и ќе се обидат да најдат решение, додавајќи дека очекува напредок од тие разговори.

Запрашан дали Москва се соочува со можни санкции доколку ја задржи армијата на украинската граница, Бајден одговори дека „не сака да зборува за тоа јавно”, нагласувајќи уште еднаш дека Путин „не смее никако да тргне против Украина”.