Територијалната противпожарна единица од Делчево доби нова противпожарна опрема како донација од хуманиатарната организација ,,Св.Лидија Македонка” со седиште во градот Триенген, Швајцарија.

Активноста се реализира на иницијатива на пожарникарот Лоренцо Трајановски кој продолжи со доброто менаџирање и изнаоѓањето поддршка за потребите на Територијалната противпожарна единица од Делчево, откако на негова иницијатива претходно беше обезбедено противпожарно возило од Словенија.

-Донацијата е обезбедена како дел од соработката со нашиот иселеник Зоран Гугушевски и хуманитарната организација ,,Св.Лидија Македонка” од Швајцарија. Со оваа донација обезбедивме нова опрема за делчевските пожарникари, рече Трајановски.

Тој додаде дека првично е обезбедена опрема за дел од пожарникарите, а истата ќе биде надополнета во месец март годинава кога се очекува да биде комплетирана.

Претходно, хуманитарната организација ,,Св.Лидија Македонка” обезбеди донација од лаптоп компјутери и за Дневниот центар за лица со посебни потреби, а најавена е поддршка и за останати установи и институции.