Незадоволството од двојно повисоката цена за годишна дозвола што концесионерот „Канеш – Стогово“ од Скопје ги воведе од први месецов и недобивањето одговор на писмото упатено до него, беше причина, дебарските ловџии денеска да одржат протест во центарот на градот.
-Ние ловџиите од Дебар и Центар Жупа, револтирани сме од последната одлука донесена од концесионерот, со која годишната дозвола за лов се зголемува за 100 отсто, односно од шест на 12.000 денари. Сметаме дека концесионерот на терените од Бањиште до Стогово, ниту создал потребни услови, ниту пак ние ловџиите од ова подрачје имаме можностите да плаќаме така висок износ, рече Арѓент Качалнику, претседател на координативното тело.
Додаде дека ловџиите имале средба на 24-ти минатиот месец каде биле слушнати сите нивни забелешки а било формирано и 6-члено координативно тело.
-На 27 декември испративме писмо до концесионерот во кое се наведени забелешките на ловџиите од начинот на менаџирањето и со барање да се изнајдат заеднички решенија по повеќе прашања, но до денес немаме добиено одговор, посочи Качалнику.
Според него, координативното тело остварило контакти со повеќе ловни здруженија во државава од каде добиле информации дека за годишина дозвола се наплатува од 3 до 5 илјади денари.
Дебарските ловџии, меѓу другото, бараат годишната членарина за ловџиите од Дебар и Центар Жупа да изнесува 4.000 денари, дневна дозвола за работен ден 200 денари, наградата за отстрел на зајак да изнесува 200 додека за дива свиња 1.000 денари.