Пожарите, Ковид-19, реконструкции на Влада, намалена тензија во грчко- турските односи, јубилејни 200 години од востанието, грчкото #metoo, туризмот, беа главните теми во Грција во изминатата година, но несомнено пандемијата го монополизираше вниманието како на јавноста, така и на државниот врв, анализира дописничката на МИА од Атина.
Од почетокот на пандемијата Грција има регистрирано над 1,2 милиони случаи на Ковид-19 и над 20.000 починати, од кои над еден милион заразени и нешто помалку од 16.000 смртни случаи се само во 2021 година, додека пак целосно е вакцинирано 66,4 отсто од населението.
Новата година, поради карантинот, Грците лани ја дочекаа дома, во карантин, а со почетокот на годината беа регистрирани и првите случаи на Делта сојот, додека пак 2021 година заврши со рекорден број ново заразени, првите случаи на Омикрон сојот и воведни нови мерки.
На првиот ден од 2021 година, на 1 јануари имаше вкупно 139.447 случаи и 4.881 смртни случаи, а на последниот ден, на 31 декември 2021 вкупно 1.210.853 заразени и 20.790 починати.
Рекорден број новозаразени на дневно ниво имаше токму на последниот ден од 2021 година вкупно 40.560 случаи, а негативен рекорд во однос на починатите беше регистриран на 14 декември 2021 година кога за 24 часа починаа 130 лица .
За време на вториот и третиот бран на пандемијата, Грција имаше еден од најдолгите карантини во Европа, започна во ноември 2020 година, заврши на средината на мај следната година.
Иако во одредени периоди мерките се олабавуваа, се отвораа продавници и училишта, па потоа повторно се затвораа, кон крајот на март започна постепеното укинување на рестрикциите.
СМС пораките беа задолжителни, беше воведен и полициски час, а карантинот постепено почна да се олабавува, за целосно да заврши по 188 дена на 14 мај кога беше и официјалниот почеток на туристичката сезона.
Најдолго беа затворени угостителските објекти, цели шест месеци, а со отворањето, десет дена пред крајот на карантинот, првично работеа само во надворешните делови, без музика, со ограничено работно време до 22.45 часот и под строги протоколи.
Иако карантинот не се повтори, сепак во одредени делови на Грција, во зависност од епидемилошката слика, се воведуваа полициски час од 1 часот по полноќ и забрана за музика во угостителските објекти текот на целиот ден.
Првите вакви мерки беа воведени на средината на јули на Миконос, односно на грчкиот остров познат по ноќниот живот, но и летна дестинација за многу светски ѕвезди.
Втора година по ред, Грците Велигден го прославија во период на карантин, но за разлика од претходната, кога црквите беа затворени за верниците, во 2021 година беше дозволено присуството, меѓутоа под правила и протоколи, а Воскресението Христово, поради рестрикциите и полицискиот час, наместо на полноќ, беше во 21 часот.
Божиќ и Нова година, од друга страна, беа без карантин, без полициски час и иако беше најавено дека ќе бидат без рестрикции, сепак само Божиќ помина без мерки, за разлика од новогодишната ноќ, кога беа воведени рестрикции.
Угостителските објекти работеа до два часот по полноќ, но без музика и со забрането стоење, нешто што сé уште е во сила во земјата.
Во текот на процесот на олабавување на рестрикциите за време на карантинот, грчката Влада воведе селф тестови, односно тестови за домашна употреба, како дополнителна алатка во борбата со Ковид-19, а граѓаните со нивните матични броеви, бесплатно ги добиваа од аптеките.
Селф тестовите беа и остануваат задолжителни за учениците кои не се вакцинирани, а беа задолжителни и за вработените во приватниот и јавниот сектор, во периодот кога платформата за вакцинација не беше отворена за сите старосни групи.
Бесплатни селф тестови, Владата одново воведе и за време на божиќните и новогодишните празници и тоа за сите граѓани без разлика дали се вакцинирани или не.
Вакцинирано 66,4 отсто од населението
Вакцинацијата во Грција официјално започна на крајот од 2020 година, меѓутоа само за здравствените работници и вработените и згрижените во домовите за стари лица, додека пак имунизацијата на населението започна на средината на јануари со возрасните граѓани над 85 годишна возраст.
Со почетокот на вакцинацијата, беше отворена специјална интернет платформа за закажување термин, нешто што се уште се користи и функционира, додека пак имунизацијата не е возможна без претходно одреден термин.
Први, вакцината ја примија оние над 85-годишна возраст, а со текот на времето се намалуваше старосната граница за пет години, за пред почетокот на летото веќе вакцинацијата да биде отворена за сите полнолетни граѓани.
Со одобрувањата од европската агенција, започна вакцинацијата и на децата, а во овој момент во земјата може да се имунизираат сите со наполнети пет години, додека пак полнолетните веќе примаат трета доза, доколку се поминати три месеци од втората.
Кон крајот на април поради слободните термини и достапните количини на вакцината на Астра Зенека, во Грција, вонредно се отвори платформата за закажување термин за вакцинација на лицата од 30 до 39 години, паралелно со регуларниот процес на имунизација на повозрасните граѓани.
За процесот на имунизација, односно за „операцијата Слобода”, како што ја нарекоа од грчката Влада, беа отворени неколку мега центри за вакцинација во Атина, а имаше периоди кога се аплицираа над 100.000 дози дневно.
Како се зголемуваше процентот на вакцинирани граѓани, така почнаа и дискусиите за привилегии на вакцинираните, но и воведување евентуална задолжителна вакцинација.
Првата одлука за задолжителна вакцинација беше донесена на средината на мај и се однесуваше на припадниците на специјалната единица за справување со катастрофи (ЕМАК) на грчката противпожарна служба, со оглед на тоа што станува збор за специјална единица која интервенира во итни случаи, како што се спасување на лица од поплави, катастрофални пожари, земјотреси, но и сообраќајни несреќи, а кога Грција нуди помош на други земји за справување со вакви случаи, припадниците на ЕМАК се тие кои веднаш заминуваат на терен.
Втората беше донесена во текот на летото и се однесуваше на вработените во домовите за нега на стари лица и на здравствените работници, кои добија и конкретни рокови за завршување на имунизацијата, а во спротивно прекинуваат со работа и заминуваат на принуден одмор.
Третата одлука за задолжителна вакцинација беше соопштена на крајот на ноември и се однесува на лицата над 60 години, кои мора да ја имаат примено прва доза до 16 јануари 2022 година, а во спротивно ќе платат казна од 100 евра месечно.
За граѓаните со наполнети 60 години постојат рестрикции и доколку се вакцинирани, но ако не примиле бустер доза, седум месеци по втората доза и во овој случај се сметаат за невакцинирани, во однос на привилегиите.
Кон крајот на минатата година беа направени промени во однос на временскиот период меѓу втората и трета доза и рокот на траење на потврда за прележан Ковид-19, и во едниот и во другиот случај, временскиот период се намали од шест на три месеци.
Бустер дозата веќе можат да ја примат сите возрасни граѓани, доколку се поминати три месеци од ревакцинацијата, додека пак оние кои ја прележале болеста и имаат валидна потврда, важи од 30 до 90 дена по првиот позитивен тест.
Во текот на летото беше воведен поттик за младите на возраст од 18 до 25 години да се вакцинираат и да добијат „Freedom pass”, односно ваучер од 150 евра за патувања, одмор или забава.
Вакцинацијата донесе и привилегии за вакцинираните, но и „затворени врати” за невакцинираните.
За кафулињата, рестораните, баровите, кината, театрите, продавниците, со исклучок на супермаркетите, аптеките, продавниците за храна, потребен е документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, потврда за прележана болест или негативен тест, додека пак забавата и ноќниот живот се привилегија само за вакцинираните.
Процесот на имунизација го поддржа и Светиот синод на црквата на Грција и изготви мал прирачник „Христијаните нѐ прашуваат за вакцината, а лекарите ни одговараат”, кој содржи одговори на прашања, теории, митови, сомнежи поврзани со вакцината против Ковид-19, меѓу кои и оние дека „вакцината содржи микрочип” или „клетки од ембрион” или „ги менува личните особини”, а одговараат надлежните лекари.
Токму овие тврдења и теории на заговор, кои иако во Грција континуирано и детално се демантираат од научниците, лекарите и епидемиолозите, се главните тези и ставовите на антиваксерите или „оспорувачите”, како што ги нарекуваат во Грција, кои не само што не веруваат во пандемијата и Ковид-19, туку и протестираат.
Во текот на летото се одржаа и првите протести како против вакцината, така и против задолжителната вакцинација, а демонстрациите продолжија и во следниот период.
Стотици граѓани, без маски, дистанца и било какви заштитни мерки, протестираа пред грчкиот Парламент со слогани против вакцините и задолжителната вакцинација, против Владата и грчкиот премиер, но и против новинарите, а доста често собирите завршуваа со инциденти и судири со полицијата.
Според последните официјални податоци за процесот на имунизација во земјата, заклучно со минатиот понеделник, над 7,4 милиони граѓани или 70,6 отсто ја примиле првата доза, над седум милиони или 66,4 проценти се целосно вакцинирани, а бустер доза примиле 75,6 проценти од оние кои имаат право да ја примат.
Сертификатот за вакцинација – грчки предлог
Преку допис до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но и до шефовите на државите на Унијата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на средината на јануари предложи усвојување на стандардизиран сертификат за вакцинација за слободно движење на граѓаните кои веќе се вакцинирани, нешто што веќе е секојдневие за сите вакцинирани и веќе е пракса не само за патувањата, туку и за влез во затворените простори во Грција.
Уште пред да биде усвоен сертификатот на европско ниво, Грција, на сите вакцинирани почна да им издава потврди дека успешно ја завршиле имунизацијата.
При влезот во било кој објект во Грција, со исклучок на супермаркетите, аптеките и продавниците за храна, сертификатот се проверува со скенирање преку специјална апликацијата „Covid free GR”.