Пожарникарите од Кавадарци интервенирале во 382 пожари во текот на 2021 година, информира командирот на кавадаречката Територијална противпожарна единица, Александар Чадамов за МИА и оцени дека е неопходна поголема противпожарна свест.

– Според бројките, излегува како секој ден да сме имале по еден пожар. Навистина, се случуваше некои денови да имаме и по неколку интервенции. Ако напролет често се случуваат пожари при горење на остатоци од резидбата на виновите лози во лозјата, во овој зимски период чести се опожарувањата поради неисчистени димни оџаци при греење во станбени објекти. Затоа е потребна поголема внимателност и давање придонес во противпожарната заштита, појасни Чадамов.

Тој апелираше исто така да се внимава и од страна на оние кои имаат дрвени греди во куќите во близина на оџаците. Советуваше да не се преградува околу оџаци и да не се поставува мебел во нивна непосредна близина.

Чадамов апелираше и на внимателност при користење на плински боци, особено при користење продолжени кабли со сомнителен квалитет, но и при греење со различни видови електрични грејни тела, кои при несоодветно ракување, исто така можат да бидат причина за пожар.