Реконструкцијата на сарајот на Ахмед Нијази бег или попознат како Ресенскиот Сарај, каде е сместен домот на културата „Драги Тозија“ тече според предвиденото, тврди директорката на националната установа Завод и музеј – Битола, Мери Стојанова. Но, жителите на Преспа реагираат дека поради несоодветна заштита во тек на изведување на градежните активности на кровната конструкција, при најмал дожд прокапува и се оштетува внатрешноста на објектот.
Реконстуркцијата, како што беше првично предвидено, ќе се одвива во две фази. Првата фаза, во која од Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година беа обезбедени 2.400.000 денари опфаќа реконструкција на кровот на Сарајот.
– Имајќи го во предвид фактот дека во еден долг временски период, не биле превземани никакви конзерваторско-реставраторски зафати или пак во најмала рака, не била вршена никаква санација на кровниот покривач на Сарајот, неопходно беше превземање на обемни зафати во оваа насока, изјави Стојанова за МИА.
Дел од предвидените средства, појасни, биле искористени за изготвување Конзерваторски проект за замена на кровниот покривач на објектот, по што било обезбедено соодветно одобрение.
– По добиеното конзерваторско одобрение и спроведувањето на сите административни процедури се пристапи кон реализација на проектот, кој предвидува комплетна промена на кровниот покривач, на наведениот објект, со што долгорочно ќе биде зачуван од понатамошна деградација, која се јавуваше како резултат на дотраената кровна конструкција, истакна Стојанова, посочувајќи дека проектот ќе се реализира во фази во зависност од обезбедените финансиски средства.