Куманово од 1 јануари е без општински линиски превоз. На првиот работен ден по новогодишните празнувања најмногу реагираа работниците кои користеа јавен превоз до работа.

Кумановци од приградските населби и рурални места се жалат дека не можат секојдневно да плаќаат по 100-150 денари за такси превоз, наместо 20 колку што е просечна автобуска карта.

Надлежните од општината, денеска кусо информираа дека во тек е седница на комисијата за општинскиот линиски превоз од каде ниту еден член не сакаше да даде изјава за медиумите. Од одделението за односи со јавност брифираа дека веднаш штом заврши средбата на комисијата граѓаните ќе бидат информирани преку медиумите. Тие се повикаа на соопштението објавено на општинската веб-страница во кое ги информираат граѓаните дека од 1 јануари општината е без линиски превоз, поради истек на важноста на дозволите.

– Ве известуваме дека од 01.01.2022 година поради истек на важноста на дозволи на превозниците за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ќе престане да се одвива јавниот превоз се до завршување на постапката објавена со оглас за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општината, бр. 08-9194/2 од 14.12.2021 година, објавен од страна на градоначалникот на Општина Куманово-стои во известувањето на општината.

Сепак, делумно оттаму објаснуваат дека претходниот договор бил со важност до крајот на декември 2021, а доцнел поради локалните избори, конституирање на советот, на комисијата.

Еден од претходните, но и сегашни пријавени за организирање на линиски превоз, Оливер Стефановски, сопственик на „Оли Травел" појаснува дека чекаат на одлуката на комисијата. Тој изјави дека огласот бил објавен на 15 декември, а отворањето на понудите пред понудувачите било на 30 декември годинава.

– Жалиме што не сме во состојба да организираме превоз и покрај барањата на граѓаните, поради истекот на претходните договори. Се надеваме дека наскоро ќе имаме одлука, но од друга страна ни е страв да не се одолговлече постапката поради жалбениот процес кој може да трае шеесет дена. Среќа во оваа состојба е што учениците се на зимски распуст. Се надеваме дека наскоро ќе има официјална информација од надлежните, вели Стефановски.

Во Куманово има 25 линии од градот до приградските населби и селата.