Епидемиолошката состојба во Куманово е стабилна, затворена е модуларната болница, на инфективниот оддел има 11 заболени од Ковид-19.

Стабилна е епидемиолошката состојба во Куманово во однос на заболените од Ковид-19, информираа денеска надлежните од болницата. Модуларната болница пред Нова година е затворена, а на инфективниот оддел има само 11 хоспитализирани лица, позитивни на Ковид-19, во дневната амбуланта има од 30 до 40 прегледи, но не само за Ковид позитивните, туку и за други инфекции, карактеристични за зимските месеци.

Благо зголемување на пациенти од друга патологија има на интерното одделение и на педијатрија. Во моментов во Куманово зголемен е бројот на граѓани, пред сè кумановци кои се вратени од земјите од Западна Европа за празниците.

Директорката на болницата, Снежана Захариева денеска изјави дека има благо зголемување на бројот на прегледи по одделите, но ништо драстично. Зголемен обем на работа имаат интерното и одделението за педијатрија кои бележат благо зголемување.

– Во годините на пандемијата малку подзаборавивме на сезонски грип, сега кај децата е вообичаена патологија, дури и на инфективниот оддел покрај пациенти со ковид се јавуваат пациенти со друга патологија, меѓу кои и сезонски грип, рече Захариева.

Лекарите посакуваат стабилната епидемиолошка состојба со Ковид заболените да продолжи во наредниот период, што и засега согласно бројките е стабилна. На инфективниот оддел во моментов покрај единаесетте пациенти позитивни на ковид има и тројца пациенти со хепатит.

Одговарајќи на новинарско прашање Захариева не исклучува дека е можно во Куманово да е постигнат колективен имунитет, бидејќи во 2020 година на инфективното одделение од Ковид биле хоспитализирани над 900 пациенти, 2021 дури 2.200. Сепак, таа предупреди дека е можно да има некое зголемување поради празничните дружби.

Таа додаде дека во овој период има голем наплив на пациенти од соседните општини, пред сè Крива Паланка на речиси сите оддели. Посочи дека во иднина повисоките инстанци ќе мора да размислуваат за отворање стационарен хоспитален дел во Крива Паланка.

– За жал многу голем наплив имаме на пациенти оттаму. Ова е голем проблем за кој ќе треба да се продискутира на повисоко ниво. Овие општини заслужуваат, барем во Крива Паланка треба да има и стационарен дел да има болница, не Здравствен дом, тоа не е мала општина кон неа гравитираат и Кратово, Ранковце, тие луѓе заслужиле да си најдат хоспитален третман, а не сите да бидат упатувани само за Куманово, истакна Захариева.

Таа додаде дека станува збор за наплив на пациенти на другите оддели, педијатрија, хирургија, интерно, истакнувајќи дека сите хоспитализации се во Куманово, но додаде дека засега успеваат со постоечкиот добро екипиран кадар на лекари, сестри и друг персонал да одговорат на потребите на пациентите од Куманово и соседните општини.