Пред Бадниковата пештера во Охрид денеска е послан црвениот тепих на хуманоста во рамки на акцијата за одбележување на големиот православен празник посветен на Христовото раѓање.

Поради околностите наметнати од епидемијата на коронавирусот втора година по ред во Охрид традиционалната Бадникова литија ќе биде заменета со хуманитарна акција.

Наместо Бадниковата поворка на која изминатите години учествува илјадници деца, оваа година Здружението за возобновување на вистинските православни вредности што ги организира активностите го постави црвениот тепих, како дел од акцијата за донирање помош за социјално ранливи категории граѓани. Замислено е поединци, организации, здруженија на граѓани да донираат помош во пари, храна што тешко се расипува и средства за хигиена.

Претставници на Здружението денеска до 16 часот ќе бидат пред Бадниковата пештера и ги собираат донациите што потоа ќе бидат распределени каде се најпотребни.