Општина Новаци ќе додели три милиони денари за користење субвенција за термоизолациони фасади. Јавниот повик ќе биде отворен 90 дена, изјави градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.
-Денеска го објавивме јавниот повик за субвенционирање на жителите на Општина Новаци за изградба на енергетски ефикасни домови односно изградба на термоизолациони фасади во станбените објекти за индивидуално домување. Повикот ќе трае три месеци почнувајќи од денес. Финансиските средства ќе се доделуваат по принципот прв дојден – прв услужен, до исцрпување на предвидените средства за таа намена, во вкупен износ од три милиони денари, рече Стевановски.
Финансиските средства се обезбедени од буџетот на Општина Новаци за 2022 година, а корисник на субвенција за изградба на термоизолациони фасади мора да биде лице жител на Новаци, чиј објект се наоѓа на територијата на општината со целосно спроведена постапка за легализација.