Режирна театарска престава вчера се случи пред вратата на акушерското одделение, оцени на денешната прес-конференција директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев, кој образложи зошто градоначалникот на Штип, Иван Јорданов и членови на неговиот кабинет не можеа да влезат и да ја посетат родилката и првото новороденче во оваа болница.
-Верувам дека во светот не постои случај градоначалник да ги прескокне сите инстанци во една болница, коишто по редот на нештата се должни да му го организираат престојот овде и со никаква најава, ниту кај директорот, ниту кај главната медицинска сестра, ниту кај раководителот на одделот за Гинекологија, ниту пак кај дежурниот лекар да ги прескокне сите овие инстанци и да се појави на вратата на акушерското одделение во термин во којшто тој сметал дека треба да биде таму, неполни три и пол часа по породувањето на пациентката. Ова говори за флагрантно непочитивање на установата и едно дрско однесување, за коешто верувам дека граѓаните на Штип не паметат од некој градоначалник, рече Ѓеорѓијев.
Посочи дека вчера од страна на гинеколозите било укажано дека најран термин за посета на родилката било во доцните вечерни часови или денеска рано наутро.
-Вчера се слушнавме во 13 часот со госпоѓа од кабинетот на градоначалникот и посочив дека терминот во којшто тие најавиле да дојдат, во 13.30, е премногу рано, а било кој термин вчера доцна попладне или денеска рано наутро сме тука и сме спремни да ги пречекаме како што е редот, како што доликува и достоинствено да го одбележиме раѓањето на првото бебе, додаде Ѓеорѓијев.
Посочи дека по телефонскиот разговор, градоначалникот и членови на кабинетот половина час подоцна се појавиле пред акушерското одделение и, како што рече, „глумеле лудило и со изговор дека тој како директор политички не сакал да ги прими“.
Нагласи дека традиции постојат, но здравјето на родилките и на новороденчињата е над се и пред се, а проценките ги прават специјалистите гинеколози.
-Расфрлањето со изјави кон мене дека сум бил нехуман, нечовечен и онаа слика којашто сакаат да ја претстават, во најмала рака за мене се смешни, за човек кој 21 година е во служба на пациентите, рече Ѓеорѓијев денеска на прес-конференција..