Општина Виница објави повик за продажба градежно земјиште во државна сопственост, наменето за изградба на објекти за индивидуално домување.

На инвеститорите им се нудат четири градежни парцели со просечна површина од 630 квадратни метри, лоцирани на јужниот дел од градот.

-Се работи за прв јавен повик за продажба на градежно земјиште во нашата општина по пауза од околу пет години и очекуваме негова целосна реализација. Земјиштето се продава по 61 денар за квадратен метар, а во цената не е вклучен надоместокот за негово уредување. Парцелите се на атрактивна локација, во близина на Метеоролошката станица во Виница, со изградена сообраќајна и друга комунална инфраструктура. Целиот простор, за кој е изготвен урбанистички план, располага со уште десетина парцели, за кои во наредниот период исто така планираме објави за продажба, во зависност од интересот на купувачите, истакна Миле Петков, градоначалник на Виница.

Според урбанистичкиот план, на локацијата на која се нудат парцелите можат да се изградат индивидуални куќи со приземје, два ката и поткровни простории. Пријавувањето на заинтересираните инвеститори е до 10 јануари, при што тие треба да обезбедат банкарска гаранција во висина од триста отсто од почетната вредност за секоја парцела