Текстот на законот со кој се воведува пропусница за вакцинација беше изгласан изутринава од Националното собрание со 214 гласа „за“, против гласаа 93 и 27 беа воздржани. Сега треба да биде разгледан од Сенатот на почетокот на следната недела, јави дописникот на МИА од Париз.
По тридневни бурни дебати, поттикнати од контроверзните забелешки на Емануел Макрон, подготвен да им „пречи “ на невакцинираните, Националното собрание во раните утрински часови го усвои при прво читање предлог-законот за трансформација на здравствената пропусница во процесот на вакцинација.
Најавен кон средината на декември од извршната власт во услови на неконтролирана епидемија на Ковид-19, текстот беше одобрен во 5:25 часот со 214 гласа „за“, оние на мнозинството и дел од Републиканците и социјалистите. Вкупно 93 пратеници гласаа против, вклучувајќи ја левицата, Националниот собир и тројца дисиденти на Републиката во марш, додека 27 беа воздржани.
Нацрт-законот сега треба да биде разгледан од Сенатот, во кој доминира десницата, на почетокот на следната недела, за стапување во сила, што Владата го сакаше на 15 јануари, но тоа треба да биде одложено за неколку дена. Оние над 12 години потоа ќе треба да го докажат својот статус на вакцинација за да пристапат до рекреативни активности, ресторани и барови, саеми или меѓурегионален јавен превоз. Негативен тест повеќе нема да биде доволен, освен за пристап до здравствени установи и услуги.
Пратениците ја подигнаа од 12 на 16 години потребата од карта за вакцинација за училишни излети и воннаставни активности. До крајот на ноќта, парламентарците дебатираа за основаноста, а опозицијата се осврна претежно за проверката на идентитетот што можат да го прават кафулињата или рестораните во случај на „сериозни причини“ да се верува дека има измама за пропусницата за вакцина.
Премиерот Жан Катекс дојде во средата попладне да побара од парламентарците да ја забрзаат расправата, по блокадата, предизвикана од зборовите на Емануел Макрон. „На невакцинираните навистина сакам да им пречам. И така ќе продолжиме, до крај. Тоа е стратегијата“, изјави францускиот претседател во интервју за Паризиен во вторникот. „Кога мојата слобода ја загрозува слободата на другите, станувам неодговорен. Неодговорен човек повеќе не е граѓанин“, додаде тој.
Околу 332.252 нови контаминации со Ковид-19 беа регистрирани во средата, што е нов рекорд, додека бројот на хоспитализирани пациенти продолжи да се зголемува, особено во службите за интензивна нега.
Според францускиот министер за здравство Оливие Веран, вкупно 66.000 луѓе ја примиле првата доза вакцина во средата, што е рекорд од 1 октомври.