Околу седум отсто од наставниците моментално отсуствуваат од училиштата во Франција, тешко погодени од епидемијата на Ковид-19, но врвот на отсуства не треба да надминува 15 отсто, рече министерот за национално образование, Жан-Мишел Бланкер, јави дописникот на МИА од Париз.

– Научниот совет процени дека најмалку една третина од професорите би можеле да бидат погодени од вирусот до крајот на јануари, со тоа што биле позитивни на Ковид-19 или индиректно преку контакт. Но, правилата за изолација се олеснети, а наставниците кои имале контакт се враќаат на училиште доколку се вакцинираат, рече министерот Бланкер.

Тој смета дека е невозможно да се каже кој ќе биде врвот на отсуствата, но додава дека не треба да надминува 15 отсто.

– Отсуството оваа недела, како што гледаме, е седум отсто, што се однесува на просекот за училиштата и факултетите, рече Бланкер

Во интервју за Паризиен во неделата, Жан-Мишел Бланкер посочи дека Министерството регрутира хонорарни и привремени наставници. – Со задоволство го набљудувам ангажманот на пензионирани професори кои волонтираат за замена, додаде тој.

По завршувањето на распустот, почетокот на второто полугодие е под тензија поради ширењето на новата варијанта на коронавирусот – Омикрон, што предизвикува загриженост поради можност од затворање одделенија и отсуства на наставници.